Време е за финале: МЗТ брка „брејк“ во Словенија

МЗТ Скопје денеска (18 часот) ја почна финалната серија од АБА2 лигата, со првото од двете гостувања во низа против екипата на Приморска. Овие две екипи беа најдобри во регуларниот дел од сезоната, МЗТ претрпе два несреќни порази во претходните дуели со словенечкиот претставник, што е само мотив повеќе за реванш токму во оваа финална серија.

„Досега одигравме 22 средби во регуларниот дел и два полуфинални меча, мораме да бидеме задоволни со пласманот во големото финале. Тоа никако не значи дека завршуваат нашите амбиции, иако играме против квалитетен тим како Приморска. Противникот е екстра квалитетен тим кој поседува квалитет и за место во АБА1, доказ за тоа е нивниот биланс во домашното првенство против Крка и Олимпија. Едногласен е ставот дека Приморска е фаворит во оваа финална серија, но тие беа фаворити и лани, кога загубија од Крка. Нема да биде нималку лесно, верувам во моите играчи дека и покрај заморот, кој реално е се повеќе присутен,  ќе го дадат и последниот атом од нивната сила за да стигнеме до зацртаната цел“ – истакна тренерот Ѓорѓи Кочов.

Интензитетот во оваа финална серија е неверојатен, вториот натпревар на програмата е утре, по што следи само еден ден пауза, а за четврток и петок се предвидени третиот и четвртиот натпревар од оваа серија, кои ќе се играат во Скопје. Евентуалната мајсторка е предвидена за 8 април, со почеток во 18 часот.

Победникот од ова финале обезбедува директен пласман во елитата на АБА-лигата, додека поразената екипа ќе игра бараж со Задар.

Се вчитува...