Време е за мак-кошарка, може ли некој да го запре МЗТ Скопје?

Со вечерашниот натпревар меѓу Куманово и Работнички (19 часот) и официјално ќе стартува новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија. Новини има неколку, па така на инсистирање на претседателот Наумоски беше проширено елитното друштво од 10 на 12 екипи, одлука од која профитираа Шкупи и Пелистер. Сепак, она што е најзначајно е воведувањето на правилото за задолжителен настап на двајца Македонци на терен, со што се очекува домашните играчи да добијат позначајна улога отколку што тоа беше случај во претходните сезони.

Што се однесува до фаворитската улога, таа повторно му припаѓа на МЗТ Скопје. Тимот што е шампион во последните шест сезони повторно го има најквалитетниот ростер, предводен од Македонците Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски. „Сино-белите“ лани го загубија Купот на Македонија, а сезонава најавуваат нов атак на двојната круна, но јасно е дека останатите екипи ќе сторат се за да ги замрсат сметките на фаворитот.

Работнички најавуваше историски највисок буџет, но Марин Докузовски не состави тим што во моментов делува подготвен за титула. Сепак, доколку има навистина средства на располагање колку што беше најавено, Работнички со две до три врвни засилувања би можел да се вмеша во трката за висок пласман.

Карпош соколи по ланската извонредна сезона и на стартот од новата создаде конкурентен ростер, но се погласните најави за финансиски проблеми во клубот ставаат сомнеж колку овој тим ќе може да биде задржат во текот на целата сезона, за повторно да бидат конкурентни на големата сцена.

Новите прволигаши Блокотехна и Гостивар составија респектабилни екипи со кои ќе атакуваат на место во Супер-лигата, за што ќе се борат со Куманово, Фени индустри, но и екипата на Охрид која сезонава ќе се натпреварува и во втората лига на АБА.

Двојки за прво коло

САБОТА, 19 часот

Куманово – Работнички

НЕДЕЛА, 19 часот

Кожув – Блокотехна

Струмица – Охрид

ВТОРНИК, 16.30 часот

Пелистер – Шкупи

СРЕДА, 18 часот

Фени индустри – Гостивар

ЧЕТВРТОК, 18 часот

МЗТ Скопје – Карпош соколи

Се вчитува...