Втор Македонец во Ла Лига: Столе Димитриевски потпиша за Рајо Валјекано

Македонскиот фудбалски репрезентативец Столе Димитриевски е нов член на шпанскиот прволигаш Рајо Валјекано. Тој му се придружува на Енис Барди како втор Македонец кој ќе биде дел од Ла Лига во сезоната 2018/19. Димитриевски доаѓа како позајмен играч за една сезона, со опција за понатамошно откупување на неговиот договор од Гимнастик.

Одличните негови одбрани во второлигашката конкуренција во Шпанија го препорачаа Столе Димитриевски кај прволигашите, а најзагреани беа Еспањол и Рајо Валјекано. На крајот, тој пристигнува во клубот кој по две кола е последен на табелата и ќе има мисија да обезбеди опстанок во шпанската фудбалска елита.

Столе Димитриевски од понеделник ќе му се стави на располагање на селекторот Игор Ангеловски за двата меча од Лигата на Нации, против Гибралтар (6.септември) на гости и против Ерменија на домашен терен (9.септември).

Се вчитува...