ВТОРОЛИГАШКО ДЕРБИ: Вардар и Гостивар во директна битка за „елита“!

Второлигашкото дерби кое денеска се игра на стадионот „Борис Трајковски“ во Скопје со почеток во 16 часот, можеби ќе го даде конечниот одговор околу тоа кој ќе обезбеди директно учество во Првата лига следната сезона, а кој ќе мора преку дополнителниот бараж да бара влез во „елитата“.

Вардар и Гостивар во меѓусебна битка за тоа кој ќе има подобра позиција на табелата пред завршните натпревари во второлигашката конкуренција. „Црвено-црните“ од Скопје во моментов се на второто место и имаат само еден бод повеќе од Гостивар. Победа на Вардар и дефинитивно се чини ги пласира во „елитното друштво“, додека пораз го става Гостивар во подобра позиција од Вардар.

Вардарци во можеби незгоден момент го дочекуваат ова дерби. Загубија минатото коло на гостувањето во Беса, го загубија и првото место и сега ќе мора барем да останат непоразени во дуелот со Гостивар. Добро се познати проблемите кои ги има во најтрофејниот македонски клуб со финансиите, а најавите дека ќе дојдат нови странски финансисери засега останаа само најави на зборови. Меѓутоа враќањето во прволигашката конкуренција може само да ги забрза работите на подобро, а токму денешниот дуел е од клучно значење.

Од друга страна Гостивар влегува во натпреварот без ниту еден пораз на терен (освен одземените три бода за недозволен настап на играч). Иако и Гостиварци имаа проблеми на почетокот на пролетниот дел, сепак, тие беа решени, и сега екипата влегува во натпреварот со добра серија зад себе. Нивна победа ќе ги лансира можеби и на првата позиција, и веројатно пласман во „елитата“.

Јасно е дека Вардар ќе настапи без повредениот Дарко Мицевски кој паузира до крајот на сезоната. Кај Гостивар ќе го нема суспендираниот Гордијан Христовски, кој беше суспендиран на шест месеци поради настап за трет клуб во една сезона.

Се вчитува...