Вујо ги собра Словенците за ЕП во Хрватска

Репрезентацијата на Словенија која ќе и биде прв противник на Македонија на претстојното ЕП во Хрватска, денеска го имаше првиот собир во Зрече. Во завршните подготовки пред настапот на ЕП кое стартува на 12 јануари, селекторот Веселин Вујовиќ повика 21 ракометар меѓу кои се и повредените Јуре Доленец и Ник Хенигман чиј настап во Хрватска сепак ќе зависи од самата рехабилитација.

На денешниот прв собир на репрезентацијата на Словенија од повиканите 21, недостасуваа само Марко Безјак и Миха Зарабец кои на соиграчите ќе им се придружат на 28 декември по завршувањето на клупските обврски во Германија. Како што најави Вујовиќ, подготовките ќе бидат поделени во два дела, до 30 декември Словенците ќе тренираат во Зрече, а вториот дел од подготовкит по новогодишните празници се резервирани за контролните натпревари. Во рамките на подготовките за ЕП, Словенија ќе одигра три контролни натпревари. Првиот е закажан за 4 јануари против селекцијата на Иран, а последните контроли ќе бидат против селекцијата на Србија на 9 и на 10 јануари во Мурска Собота и во Велење.

„Знам дека играчите на подготовките дојдоа многу уморни. Во првиот дел од подготвителниот период ќе посветиме повеќе време на нивната регенерација и да направиме се што може да ја вратат силата за искушенијата што не чекаат на ЕП, но и за вториот дел од подготовките“ – истакна Вујовиќ на собирот.

Словенците кои во јануари годинава на СП во Франција го освоија бронзениот медал, умерени се во најавите и очекувањата пред ЕП во Хрватска иако се во кругот на фаворити за висок пласман.

Верувам дека сите сме мотивирани и желни за нов голем резултат на големата ракометна сцена. Нема да зборува за медали, но јас искрено се надевам дека во Хрватска ќе покажеме за што сме способни. Прва цел на ЕП е пласман во втората фаза од натпреварувањето во која вкрстуваме со тешки противници од групата Д. Но, најважно ќе биде да бидеме само задоволни од нашиот настап и да ги развеселиме навивачите со борбена и храбра игра“ – изјави капитенот на Словенија, Вит Кавтичник.

Македонија и Словенија ќе играат меѓусебе во првиот натпревар на ЕП во Хрватска, на 13 јануари во Загреб. Во второто коло Словенците на 15 јануари ќе играат со Германија, а на 17 јануари го очекува дуелот со Црна Гора. Првите три репрезентации во групата обезбедуваат пласман во втората фаза во која во Вараждин ќе вкрстат со првите три репрезентации од групата Д (Шпанија, Данска, Унгарија и Чешка).

Се вчитува...