Загрижувачки вести од Бергамо: Иличиќ пак пати од депресија

Тренерот на Аталанта, Џампјеро Гасперини, повторно не може да смета на Јосип Иличиќ, а причината за отсуството на Словенецот од тренинзите на „сино-црните“ не се физички проблеми или повреда.

Како што пишува весникот „Кориере дела сера“, Иличиќ пак пати од депресија, како што тоа беше случај при појавувањето на првиот бран на коронавирусот. Словенецот тогаш подолго време беше „во аут“ поради психолошки проблеми, во периодот кога Бергамо беше најпогоден град од коронавирус во Европа, со илјадници мртви. Се стравуваше и дали тој ќе може да ја продолжи кариерата, за на крајот Иличиќ да ја победи депресијата и да се врати на терените.

Сепак, ситуацијата овојпат е подеднакво компликувана, Словенецот во последните денови воопшто не тренирал, што беше причина за Гасперини целосно да го изостави од тимот за дербито со Интер.

Во Аталанта се сериозно загрижени за овој фудбалер и му даваат целосна поддршка во оваа загрижувачка ситуација. Тој има договор до јуни 2023 година, а челниците воопшто не размислуваат за раскин, туку за начин како да му се помогне на Иличиќ во новата борба со депресијата.

Се вчитува...