Започнува М15 меѓународен тениски турнир во Скопје

Почнувајќи од денеска на терените на тенискиот клуб „Југ“ ќе се одржи интернационален M15 тениски сингл турнир за мажи со награден фонд од 15.000 долари. Ова е вториот тениски турнир кој во краток период се одржува во Скопје, по M25 турнирот кој се одржа од 6. до 12. јуни.

Квалификациите за турнирот започнаа на 12. јуни и во нив земаа учество тенисери од различни земји. Во компетитивниот дел од турнирот, кој започнува утре (14.06), учествуваат 32 натпреварувачи.

На ITF М15 турнирот во Скопје ќе бидат натпреварувачи од Бразил, Тунис, Шведска, Романија, Грузија, САД и многу други земји од светот. Домашната гордост ќе ја бранат добро познати тениски имиња, како Томислав Јотовски и Стефан Мицов кои учествуваат во квалификацискиот дел од турнирот.

Овој M15 турнир е вториот од трите турнири кои ќе го одбележат „Тениското лето“ во Скопје. И покрај тоа што минатата недела беше врнежлива, M25 турнирот помина одлично, предизвика голем интерес и понуди многу квалитетни натпревари. Претставниците на ТФСМ најавија дека очекуваат ист интерес и за M15 турнирот.

За месец јули е закажан и женскиот турнир „Billie Jean King Cup“ за регион Европа и Африка, Група 3. На него ќе учествува и најдобрата македонска тенисерка на сите времиња, Лина Ѓорческа, која најави дека е оптимист пред почетокот на турнирот.

Се вчитува...