Зарабец ја „смести“ Македонија во вториот круг на ЕП

Остануваат само десет дена до стартот на Европското првенство во Хрватска и првиот натпревар во кој Македонија стартува против Словенија. Сите репрезентации веќе се во завршна фаза од подготовките, се одмерува и односот на силите и веќе се прават „математики“ за втората фаза.

За словенечкиот плејмејкер Миха Зарабец нема дилема кои три репрезентации од групата Ц ќе го продолжат настапот во втората фаза во Вараждин. Бекот на Кил таму ја гледа и Македонија заедно со Словенија и со Германија, „рачунајќи“ дека Словенците ќе пренесат во втората фаза два бода од овој дуел.

„ За кратко време ќе играме многу тешки натпревари. За нас од суштинско значење ќе биде да почнеме добро и на Македонците да им покажеме кои сме и каде целиме. Победата во овој прв натпревар ќе не ослободи и ќе ни даде дополнителен поттик“ – истакнува словенечкиот репрезентативец.

Зарабец кој од оваа сезона го носи дресот на Кил, нагласува дека најтешкиот дуел во групата ги очекува против првиот фаворит, Германија, но дека ни тоа не е непремостлива пречка со поддршката на навивачите и со игра каква што прикажаа Словенците лани на СП во Франција.

Знам дека Словенија никогаш не ја победила Германија, но за се има прв пат. Мора да победиме и длабоко во себе знам дека ќе го сториме тоа. Ако ни успее по Македонија да го скршиме и „германскиот тврд орев“, тогаш во втората фаза ќе пренесеме четири бода што ќе ни отвори одлични можности да се пробиеме во полуфиналето“ – вели Зарабец.

Покрај Македонија, Словенија и Германија, во групата Ц во Загреб е и репрезентацијата на Црна Гора која според многу проценки во оваа конкуренција ја има улогата на аутсајдер. Пласман во следната фаза обезбедуваат првите три репрезентации во групата кои потоа вкрстуваат со најдобрите три селекции од групата Д (Шпанија, Данска, Унгарија и Чешка).

Се вчитува...