Земи или остави: Јунајтед со финална понуда за Мегваер

Манчестер Јунајтед испрати и трета официјална понуда за Хари Мегваер, за која „црвените ѓаволи“ се надеваат дека ќе биде доволна за конечно да се осигура потписот на англискиот репрезентативец. Весникот „Дејли Мејл“ објави дека станува збор за вкупна сума од 80 милиони фунти, со што Мегваер би станал најскап дефанзивец во фудбалската историја, уривајќи го рекордот на Вирџил ван Дајк.

Втората понуда од 68 милиони фунти минатата седмица била одбиена од страна на „лисиците“, кои од самиот старт на преговорите инсистираат на сума од 80 милиони фунти за својот најдобар фудбалер. Последната понуда на Јунајтед изнесува 80 милиони фунти, но останува да се види колкав дел од оваа сума ќе се плати при самиот потпис и преку какви клаузули би се активирала исплата на остатокот од парите.

Манчестер Јунајтед во понудата го навел и понеделник како последен рок во кој Лестер ќе треба да одговори на истата, се со цел доколку „лисиците“ одбијат, најтрофејниот англиски клуб да има доволно време да купи нов централен дефанзивец до крајот на преодниот рок (9 август).

Се вчитува...