Жарко Пешевски: Подготвени сме како никогаш досега

Машката ракометна репрезентација денеска ќе го одработи завршниот тренинг пред заминувањето за Хрватска каде во наредните денови ги очекува настапот на Европското првенство. Подготовките, генерално се одвиваа според зацртаниот план на селекторот Раул Гонзалес, а репрезентативците истакнуваат дека по напорниот подготвителен период, со нетрпение го чекаат стартот на ЕП.

„Имаме квалитетни тренинзии  квалитетна подготовка, видеа , стратегија, физикалија. Мислам дека Македонија е најдобро подготвена досега јас откако сум во репрезентацијат. И на тактички и физички план избалансирано. Сите со нетрпени чекаме да почне првенството“ – вели пикерот на „црвено жолтите“, Жарко Пешевски.

Во прелиминарната фаза на ЕП, Македонија ќе игра во групата со Словенија, Црна Гора и со бранителот на титулата, репрезентацијата на Германија. Во борбата за едно од првите три места кои носат пласман во следната фаза на ЕП, македонската репрезентација ја очекуваат три тешки натпревари од кои секој е предизвик сам по себе. Но, според Пешевски, сепак, врвна цел е да се извлече позитивен резултат против актуелниот шампион.

„Не очекува прво дуелот со Словенија, па потоа со Црна Гора и со Германија. Сите велат дека дуелот со Црна Гора е оној што може да ни пресуди за пласман во следната фаза од ЕП, но ние ќе одиме натпревар по натпревар. Сите три натпревари ќе бидат многу тешки, ќе има притисок, но  мислам дека најголем предизвик ќе биде дуелот со Германија која е ракометна машинерија. Словенија е малку со изменет состав поради повредите. Но, и без тие неколку повредени репрезентативци, Словенија има силна репрезентација, играат брз ракомет со квалитетна одбрана и имаат одлични голмани. Исто и Црна Гора воопшто нема да биде наивен противник. Црногорците „покажаа заби“ на контролниот натпревар со Хрватска во Сплит и сигурно така ќе играат и на ЕП. Ова ќе бидат супер тешки, но и супер интересни натпревари во кои секој секого може да победи“ – смета Пешевски.

Стартот против Словенија на 13 јануари, ќе биде посебно значаен за македонската репрезентација. Позтивен резултат во овој дуел, го отвори патот за пласман во втората фаза. Словенците се фаворити, но искуството и поголемата константност во составот се на страната на Македонија. Тоа отвора многу поголем простор за позитивен резултат во споредба со ланскиот дуел меѓу овие две селекции на СП во Франција на кој Словенците славеа победа.

„И Словенија е сменета и кај нас има одредени промени во однос на лани кога игравме меѓусебе на СП во Франција. Но, мислам дека ние сме малку во предност тука, затоа што го имаме костурот на тимот со најискусните играчи, што значи воиграност и искуство. Кај Словенија имаат повеќе промени во составот во однос на лани. На ЕП во Хрватска, тие ќе играат без неколку клучни играчи како Матеј Габер кој беше важна алка во одбраната, исто така и Јуре Доленец. Има проблеми во составот на Словенија но, мислам дека и покрај тоа, Словенците сепак имаат силна репрезентација и добар систем на игра. И сигурно ќе конкурираат за висок пласман“ – истакнува Пешевски.

ЕП во Хрватска ќе се одигра од 12 до 28 јануари. Во прелиминатрната фаза, Македонија ќе игра во групата Ц во Загреб. Три балкански репрезентации (Македонија, Словенија и Црна Гора) и актуелниот европски шампион Германија ќе се борат за првите три места во групата кои носат пласман во втората фаза на ЕП.

Се вчитува...