Жељко Бабиќ, нов тренер на Еурофарм Пелистер

Потрагата по наследник на Стевче Алушовски конечно заврши, управата на Еурофарм Пелистер за нов предводник на стручниот штаб денеска го именуваше Жељко Бабиќ. Станува збор за 47-годишен стратег што претходно има работено во екипите на Загреб, Мешков Брест и Горење Велење, а извесно време беше и селекторна хрватската репрезентација.

„Фармацевтите“ најавуваат атак на висок пласман во вториот дел од сезоната, а ангажманот на Бабиќ е само уште една потврда за сериозноста на проектот во ракометна Битола.

„Со огромно задоволство, ве информираме дека нов шеф на стручниот штаб на РК Еурофарм Пелистер ќе биде г-дин Жељко Бабиќ. Во досегашната своја тренерска кариера, како помошник тренер со репрезентацијата на Хрватска има освоено бронзани медали на Олимписките игри во Лондон 2012 год, Европското првенство во Србија 2012 год и Светското првенство во Шпанија 2013 год. Како селектор со ракометната репрезентација на Хрватска, на Европското првенство во Полска 2016 година го освои бронзениот медал.Жељко Бабиќ е докажан ракометен стручњак, кој во нашиот проект влегува со голем ентузијам и желба за постигнување на врвни резултати и се разбира враќање на ракометните титули во најракометниот град – Битола. Управата на РК Еурофарм Пелистер му посакува едно огромно добредојде, многу заеднички успеси и долготрајна соработка“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Се вчитува...