Жоао Феликс останува во Челси?

Жоао Феликс е блиску до останување во таборот на Челси и во наредната сезона, откако „сините“ почнаа преговори за нова позајмица на португалскиот голгетер.

За потсетување, Феликс пристигна на „Стемфорд бриџ“ во јануари, на шестмесечна позајмица  од Атлетико Мадрид. Во тој договор немаше клаузула за откуп, но се најавуваше дека Атлетико ќе бара 100 милиони евра за да си ја врати инвестицијата во поранешниот ас на Бенфика. Пролемот е во тоа што Феликс не ги оправда очекувањата, вредноста воопшто не му скокна, па на челниците на Атлетико им е јасно дека тој нема да може да биде продаден за позначајна сума, а истовремено и не е дел од плановите на тренерот Симеоне во мадридскиот клуб.

Челси пак е заинтересиран да го задржи Феликс на „Стемфорд бриџ“, откако новиот тренер Маурисио Покетино дал зелено светло за почеток на вакви преговори, па газдата Тод Боели во следните денови ќе седне на маса со водечките луѓе на шпанскиот клуб. Како опција се најавува уплата од 15 милиони евра само за позајмицата на Феликс на една сезона, со можност наредното лето лондонскиот клуб целосно да го откупи неговиот договор со Атлетико.

Челси за наредната година веќе го договори доаѓањето на Нкунку од Лајпциг, а неизвесна е иднината на Ромелу Лукаку, кој треба да се врати од позајмицата во Интер.

Се вчитува...