Зидан: Сезонава нека заврши што побрзо

Реал Мадрид извесно е ќе заврши на третата позиција на табелата во шпанската Примера и остатокот од сезоната играчите очигледно го играат повеќе од формално. Сепак, тренерот, Зинедин Зидан беше јасно критичен и незадоволен по поразот од Рајо Ваљекано.

„Цел натпревар ништо не правевме. Многу сум лут поради ваквиот настап и треба да преземеме одговорност. Ја загубивме секоја битка на теренот. Им должиме извинување на навивачите. Се беше лошо. И ставот и играта. Ништо не дадовме, ниту во дуелите, ниту во трчањето, ништо. Рајо играше, а ние не правевме ништо. Јас секогаш ги бранам моите играчи, но по овој натпревар не можам. Сепак и јас сум одговорен. Подобро би било сезонава да заврши што побрзо“ – буквално беснееше Зидан по натпреврот.

Тој доби прашања и за Герет Бејл, но воопшто и не сакаше да одговара, ги испрати новинарите да го прашаат Велшанецот дали е мотивиран и фокусиран.

По 35 натпревари, Реал има 65 бода собрани од 20 победи, 10 порази и пет нерешени средби. Во последните  пет кола победи против Еибар и Атлетик Билбао, одигра нерешено со Леганес и со Хетафе и заврши со поразот од Рајо кој се израдува на победа во меѓусебните дуели по цели 22 години.

 

Се вчитува...