Поранешните дефанзивци на Манчестер Јунајтед, Патри Евра и Гери Невил отворено го критикуваа Оле Гунар Солскјер за одлуката да потроши 40 милиони фунти за ангажман на Дони ван де Бек и сега воопшто да не му дава шанса на холандскиот репрезентативец. Тој досега одигра вкупно 60 минути во Премиер-лигата, а целиот дерби-натпревар против Челси го проследи од клупата за резерви.
Солскјер ги избра Фред и Мектоминеј како централни играчи за врска, а во второто полувреме го внесе Погба, јасно ставајќи до знаење дека Ван де Бек е предалеку од првотимски статус во неговата екипа.
„Што е со Ван де Бек? Навистина немам ништо против момчето, но би сакал некој да ми објасни зошто беше купен. Се потрошија многу пари за тој да гледа од трибини додека сите други фудбалери за врска играат. Вистината е дека тој воопшто не му е потребен на Јунајтед“, изјави Евра.
Сличен е ставот и на Гери Невил, според кој ваквиот третман сигурно ќе остави трага и врз самодовербата на фудбалерот.
„Останува мистерија зошто Солскјер толку малку го користи Ван де Бек откако потроши 40 милиони фунти за да го донесе во тимот. Кога ќе се потрошат толку пари, нормално е да очекуваш да го видиш тој фудбалер во екипата, а Ван де Бек не бил стартер цела сезона. И самиот играч мора да се прашува: Што правам јас овде“, истакна Невил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА