Бартра: Најтешките 15 минути во мојот живот

Фудбалерот на Борусија Дортмунд, шпанскиот интернационалец Марк Бартра, ја отвори душата по бомбашкиот напад на автобусот на „милионерите“, во кој тој го извлече најдебелиот крај и мораше да замине на операција. Тоа биле најтешките 15 минути во животот на дефанзивецот на германскиот тим.

„Болка, паника и неизвесност поради тоа што не знаевме што се случува и колку долго ќе трае. Тоа беа најтешките 15 минути во мојот живот“, напиша Шпанецот на својот профил на Инстаграм.

Тој беше повреден по една од трите експлозии кои беа наменети за автобусот на Борусија Дортмунд.

„Овие денови кога ќе го погледнам зглобот на раката, отечен и тешко повреден, знаете ли што чувствувам? Гордост! Гордост, затоа што целата штета што сакаа да ни ја нанесат остана само на тој зглоб. Шокот се повеќе се намалува, а во исто време се зголемува желбата за животот, желбата да работам, да се смеам, да чувствувам, да сакам, да верувам, да играм, да тренирам, да продолжам да уживам со своите сакани, да го почувствувам мирисот на тревата пред почетокот на натпреварот…Да видам повторно трибини исполнети со фанови, добрите луѓе кои само сакаат да го заборават лудиот свет во кој живееме. Се што барам е само сите да живееме во мир, без војна“, напиша Марк Бартра.

Се вчитува...