Лино Червар веќе извесно, го напушта кормилото на машката ракометна репрезентација на Македонија и се враќа на клупата на Хрватска. По денешниот состанок на Червар со раководството на Хрватската ракометна федерација во Загреб, официјалната промоција на новиот хрватски селектор е најавена за десетина дена, а во меѓувреме, Хрватот кој формално се уште е актуелен селектор на македонската репрезентација и тренер на Металург, како што пишаа хрватските медиуми, треба да ја заврши „коректната разделбата со Македонија“.
Иако од Ракометната федерација на Македонија се уште нема официјален став за развојот на настаните, реално има две опции.
Првата е Червар да остане на клупата до јуни и да ја предводи македонската репрезентација во четирите преостанати натпревари од квалификациите за ЕП 2018, два против Исланд и по еден со Чешка и со Украина. Червар лани во мај стана селектор на Македонија на местото на Ивица Обрван и од РФМ доби четиригодишен договор за долгогодишниот проект како координатор на сите ракометни селекции,
Втората, за Македонија многу подобра и подостојна опција е доколку Червар е решен да замине, „коректната разделба“ да биде што побрзо и Македонија да си бара нов селектор за мајските квалификации.
Фактот што сме пред крај на сезона и временскиот теснец уште повеќе го стеснуваат и изборот на потенцијалните кандидати што би можеле да ја преземат макеоднската репрезентација во овој период и успешно да ги минат претстојните квалификациски натпревари. Но, избор има.
Кој ќе биде селекторот со реден број „23“ на клупата на машката ракометна репрезентација на Македонија?
Во потесниот круг на кандидати што би можеле да седнат на македонската клупа веќе се споменуваат поранешниот селектор на Црна Гора и тренер на Вардар, Зоран Кастратовиќ, кој моментно е без тренерски ангажман, а веќе долго живее во Скопје и добро го познава и македонскиот ракомет и македонските ракометари. Кандидат што би можел веднаш да ги преземе селекторските обврски е и тренерот на Пелистер, Касим Каменица.
Меѓу потенцијалните кандидати што ги исполнуваат условите е и поранешниот македонски селектор, Звонко Шундовски, кој ја предводеше македонската репрезентација до најголемиот успех досега – 5.место на ЕП 2012 во Србија. Но, пречка за Шундовски може да биде неговиот тренерски ангажман во романскиот ЧСМ Букурешт. Од македонските тренери друга опција е Данило Брестовац кој во претходниот стручен штаб му беше помошник на Обрван, а сега му е асистент на клупата на францускиот Шамбери.
Кругот на можните кандидати за нов селектор на Македонија се затвора со Словенецот Борис Денич. Поранешниот селектор на Словенија, моментно е тренер на катарскиот клуб Ал Кијада, со кој има договор до јуни годинава. Според неофицијалните информации, токму Денич се посочува како најнеутрална опција, прифатлива за сите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА