Лојалниот Мертенс: Сонувам за скудето со Наполи, затоа одбив кинески милиони

Дрис Мертенс и сезонава е главен адут на Наполи во атакот на шампионската титула, откако белгискиот ас веќе постигна 14 погодоци, со што е најдобар стрелец на лидерот на табелата во Серија А. За овој фудбалер сериозен интерес покажуваа Манчестер јунајтед и Арсенал, а самиот Мертенс открива дека најбогатата понуда ја добил од далечната Кина, но и таа била одбиена како и сите претходно од една едноставна причина.

„Сонувам за скудето со Наполи, тоа е причината поради која останувам овде. Реално кажано, никогаш не сум бил посреќен, играм добро, тимот победува, и тоа со атрактивен стил на игра, по кој што станавме препознатливи во Италија. Не гледам причина да си заминам и ќе сторам се за да се закитиме со толку посакуваната титула. Поради тоа минатата година одбив и понуда од Кина, што беше најбогата од сите што досега пристигнале за моите услуги. Ме бараа и врвни европски клубови, но мојот одговор секогаш беше ист – сакам да останам во Наполи. Тренерот Сари е извонреден, ни даде идентитет и победничка ДНК, со нетрпение го очекуваме секој следен предизвик и натпревар“ – истакна Мертенс.

Наполи има еден бод предност во однос на второпласираниот Јувентус, а во следното коло Мертенс и соиграчите ги очекува гостување против „фенерџијата“ Беневенто.

 

Се вчитува...