ТАЈМАУТ: За кошарката се работи…

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Заврши уште една кошаркарска сезона, рекордна по бројот на соопштенија на клубовите и по ништо друго. Крајниот епилог е –  титулата заврши кај Работнички, куп-трофејот во витрините на МЗТ Скопје, Гостивар се врати и ја полнеше салата како во добрите стари времиња, додека Блокотехна беше најпријатно изненадување, стигнувајќи до третото место во првата сезона од своето постоење.

Сепак, кога се ќе се собере и одземе, комплетниот впечаток никако не може да биде позитивен. Играчите се тие кои добро ги знаеме, летово или догодина лигата ќе биде посиромашна за Мираковски, Чековски, Тасовски… а на повидок нема замена за овие поранешни репрезентативци, некој кој барем приближно би можел да ги замени ветераните и да внесе свежина на домашната кошаркарска сцена.

„Мораме да почнеме да правиме кошарка“ – гласно порача и Марин Докузовски по освоената титула, признавајќи дека долгиот пост без трофеј носел притисок врз сите во Работнички. Сега кога тоа е реализирано сите почнувајќи од него треба да се насочат кон создавање на домашни играчи и поголема минутажа за нив во домашното првенство.

Не дека сега Докузовски потврди и ги отвори очите, не дека МЗТ Скопје пред два месеци се јави со „револуционерна идеја“ за намалување на странците, но веќе треба на сите да им е јасно дека вака веќе не може. Со секоја наредна сезона како оваа се повеќе се намалува потенцијалот на кошарката, деца кои не гледаат спортска иднина се откажуваат, а оние кои се поперспективни при прва укажана шанса земаат туѓ пасош.

Намалување на број на странци

Тоа е нешто за што не смее да има никаква дилема кај клубовите, а федерацијата мора да го воведе правилото за намалување на странците од шест на четири. Воедно, мора да остане и правилото за двајца домашни играчи на терен, што надополнето со намалениот број на странски кошаркари ќе донесе и поголема минутажа за Македонците. Во пазарни услови на мала понуда и голема побарувачка логично е и цените да скокнат, но во ситуација на намалени буџети (што се најавува кај речиси сите клубови) јасно е дека и тоа ќе дојде на свое, можеби не на почетокот од преодниот рок, но сигурно пред крајот на летото кога ќе стане јасна реалната состојба на пазарот.

Намалување на бројот на екипи во лигата

Очајна беше идејата на претседателот Петар Наумоски за зголемување на бројот на екипи во елитното друштво истуркана минатото лето непосредно пред стартот на сезоната. Ако веќе сите тврдат, и точно е, дека немаме доволно квалитетни домашни кошаркари, а се инсистира на намалување на бројот на странци, тогаш неопходно е да се намалат и бројот на екипи во елитата.

За лигата да заличи на сериозна неопходно е да се скрати на осум екипи, но за почеток доволно ќе биде и десет, како чекор напред во однос на она на што бевме сведоци во минатата сезона.

Општините да инвестираат во услови за спорт

Добро познат тренд во Македонија десетина години наназад е трошењето на општински пари за плати во спортски колективи, без разлика дали е кошарка, ракомет, фудбал или нешто сосема четврто. Време е ова да престане, а општините да создаваат услови за спорт – да вложат во салите кои се руинирани и со беспрекорни услови да ги привлечат децата на тренирање. Ако се помагаат клубовите, нека се помогнат со инвестиции во спортски реквизити и термини за младинските школи, не за плати во илјадници евра на странци кои добро ќе го наплатат своето играње во Македонија, па при првата наредна понуда ќе побрзаат да зи заминат.

Тоа е единствен начин на правилна инвестиција на општински пари во спортот, наспроти расипничкото трошење на кое бевме сведоци во бројни клубови во минатото.

Закон за ваучери и даночно ослободување

Директорите не треба да се тука за да земаат пари од градски буџет, туку самите да изнајдат решение и преку спонзори да ја наполнат клупската каса. Навистина, досега тоа беше пеколно тешко, но со новиот закон за ваучери што ќе се официјализира во скоро време ќе се овозможи полесно добивање на спонзорство. Не дека ќе биде ептен лесно, но директор на клуб во секој случај треба да е функција за способни менаџери, кои ќе треба не само да најдат финансии, туку и истите потоа правилно да ги вложат во тренер и играчи.

И овој закон моментно е заглавен во процедурален лавиринт, но неопходно е час поскоро да се најде начин за целосна имплементација, не само за кошарката туку и за целокупниот македонски спорт.

 

За околу една седмица е најавена јавна дебата во организација на МКФ на која ќе се дискутира за сите овие теми, а потоа веднаш ќе треба да се повлечат и конкретни чекори. За кошарката се работи, нема веќе време за чекање.

Се вчитува...