Лига на Нации: Реприза на финалето од СП 2018, две мајстории на Роналдо

Франција славеше со 4-2 на дуелот против Хрватска во второто коло од Лигата на Нации, идентичен исход како и на финалето од последниот светски шампионат што пред две години се одигра во Москва. И двете селекции настапија со значително променети состави, но исходот беше идентичен, Франција покажа повеќе на теренот и заслужено стигна до победата. Дејан Ловрен ги шокираше светските шампиони носејќи ја Хрватска во водство по само десет минути игра, но „коцкестите“ потклекнаа во самиот финиш од полувремето, кога Французите за две минути постигнаа два погодоци (Гризман и автогол на голманот Ливаковиќ).

„Резервистот“ Брекало веднаш по влегувањето во игра стрелаше прецизно за израмнување на 2-2, но Франција стигна до трите бода благодарение на головите на Упамекано и на Жиру (од пенал). „Триколорите“ се наоѓаат на делба на првото место со Португалија со по шест бода во оваа група, додека Хрватска и Шведска се без бодови по првите две кола.

Кристијано Роналдо беше во главна улога на гостувањето на Португалија против Шведска, постигнувајќи два прекрасни погодоци за триумф од 0-2. Асот на Јуве најпрвин погоди од слободен удар во 45. минута, за својот стоти репрезентативен гол во кариерата, за потоа во второто полувреме да биде прецизно од дваесетина метри, покажувајќи дека и на 35-годишна возраст максимално подготвен ќе влезе во новата сезона.

Белгија лесно и убедливо го совлада Исланд со 5-1. Гостите изненадија откако први поведоа преку Фридјонсон во 11. минута, но „црвените ѓаволи“ уште во првото полувреме го свртеа резултатот во своја полза преку Витсел и Батшуаи. Мертенс биеше прецизно на стартот од вториот дел, на 4-1 зголеми Батшуаи со својот втор гол на натпреварот, а конечните 5-1 ги постави Доку.

Данска и Англија ремизираа без голови, меч на кој Данците беа подобри во првото полуврмее, а Англија најубавата шанса на мечот ја пропушти во судиското продолжение кога Кејн го мина и Шмајхел, биеше прецизно, но пред самата гол-линија еден дански фудбалер ја исфрли топката во корнер.

Кипар загуби уште еден домашен натпревар, овојпат со 0-1 од Азербејџан, додека Црна Гора славеше со 0-1 на гостувањето против Луксембург, со пеналот на Бечирај во 92. минута, по бројните промашени шанси на Луксембург во текот на натпреварот.

Во лигата Д од Лигата на Нации селекцијата на Лихтенштајн како гостин го совлада Сан Марино со 0-2.

Се вчитува...