Експеримент: Хрватска со резервен тим на мегдан против Швајцарија

Хрватската фудбалска репрезентација вечерва во пријателски натпревар ќе и гостува на Швајцарија, дуел за кој селекторот Златко Далиќ најави целосен „ремонт“ во стартниот тим на „коцкестите“. Имено, по слабите игри и поразите од Португалија и од Франција во Лигата на Нации, Далиќ реши вечерва да им даде шанса на оние кои се резерви, со надеж дека некој од нив ќе се докаже и во иднина сериозно ќе атакува на улогатa на стартер за следните натпревари.

Капитенот Лука Модриќ отпатува за Швајцарија, но мечот ќе го почне на клупата за резерви, исто како и Брозовиќ, Ливаковиќ, Ловрен, Крамариќ… Далиќ реши од првата минута да му даде шанса на голманот Слуга, а во одбраната покрај бековите Једвај и Мелњак ќе се најдат уште и Уремовиќ и Чалета – Цар. Бадељ и Ковачиќ ќе бидат задолжени за организација на нападите, Пашалиќ ќе се обиде да ги повтори добрите игри од Аталанта и во националниот тим, а во нападот од првата минута ќе стартуваат Брекало, Оршиќ и Будимир. Дефинитивно, состав каков што не сме навикнале да гледаме од актуелниот светски вицепрвак.

„Ова е натпревар за играчите кои се во втор план, да покажат што можат“, изјави Далиќ.

Останува да се види само каков ќе биде резултатот на денешниот експеримент на хрватскиот селектор, кој и со „ѕвездите“ во последно време бележи катастрофални резултати.

Се вчитува...