Алкалоид со нова победа на уште еден чекор поблиску до шампионската титула

Со победата над Шкупи од 4,5 : 1,5 во рамките на мечевите од 5. коло на Екипното првенство на Македонија во шах, ШК Алкалоид направи уште еден чекор кон остварување на целта и кон одбрана на титулата.

На првите три табли дуелите завршија со реми. ВМ Александар Инѓиќ ги имаше белите фигури против ВМ Суат Аталик, кој играше Француска одбрана. И покрај обидите да ја искористи предноста, по одиграни повеќе од 50 потези на крајот не успеа да ја оствари замислата, па во далечната завршница дојде до поделба на поенот. ВМ Трајко Недев играше Кралско-индиска одбрана против ФМ Александар Томиќ, но обајцата беа внимателни и ремито беше неизбежно. ВМ Звонко Станојоски имаше неизвесна партија со Гоце Стојчев, но по трите победи на почетокот, овојпат не успеа да ја разбие Каро – Кан одбраната на противникот.

Победата беше осигурана на последните три табли. ИМ Тони Лазов одигра многу солидно и стигна до четвртата победа во четвртиот настап за тимот овојпат совладувајќи го Дејан Јанков, кој беше рамноправен само во првата половина од партијата. ВМ Роландо Кутиров имаше континуирана предност во дуелот со Стојанчо Димковски, но направи грешка и испушти можност да победи побргу, по што партијата беше добиена со демонстрација на добра техника во завршницата. На шестата табла Филип Михов имаше убедлива победа над Хамза Јашари, кој одигра коректно на отворањето, но во натамошниот тек на партијата не доби ни најмала шанса за изненадување во Француската одбрана.

На турнирот во женска конкуренција ШК Алкалоид со максимални 4 : 0 го совлада Гамбит Асеко СЕЕ и со тоа му го нанесе вториот пораз. На првата табла ВМ Бела Котенашвили ладнокрвно ја собори жртвената концепција на ЖИМ Маја Величковски-Нејковиќ и по само 22 потези на противничката, која играше Староиндиска одбрана, ја принуди на капитулација. Обратно од ова, на втората табла се играше долга партија во која ИМ Лела Јавакишвили освои пешак во раната фаза и не даде никаква шанса за евентуална компензација во натамошниот тек на играта со Драгана Николовска. На третата и на четвртата табла искусните шампионки ЖИМ Габриела Коскоска и ЖФМ Моника Стојковска го комплетираа триумфот, покажувајќи класа во дуелите со помладите Симона Лакинска и Инџи Ајрадиноска.

Во вториот директен дуел меѓу кандидатите за висок пласман, ГШК Неготино дојде на чекор до нова сензација, но, сепак, МШК Центар ја освои победата со тесна предност од 2,5 : 1,5. Гостивар го совлада Стево Патако со 3 : 1, додека, пак, дуелот на двете кумановски екипи, Фишер и ГШК Куманово 1, заврши со 2 : 2.

Алкалоид и МШК Центар се единствените на врвот со 10 бода, додека, пак, ГШК Неготино има 8 бода. Денеска фармацевтките ќе играат со ГШК Неготино, а потоа конечната пресметка за титулата ќе се случи во 7. коло против МШК Центар.

Се вчитува...