АНАЛИЗА Горан Ѓоргоноски: Загубивме натпревар, добивме на искуство

Со пораз ја стартуваше втората фаза од шампионтатот во Египет нашата репрезентација против стариот познаник Словенија, натпревар во кој нашата селекција загуби два бода, но доби искуство плус и уште еден многу важен сегмент – појасна слика на кого во иднина може да се смета за враќање на старите патеки на нашата национална гордост.

Вчерашниот натпревар, практично, уште еднаш ни покажа која е моменталната разлика во квалитет (и во бројки) на македонската репрезентација споредено со екипи од топ 10 друштвото, и таа е двоцифена или некаде блиску до тоа. Иако нашите момци стартуваа одлично, диктираа темпо кое ни одговараше (имајќи предвид кратка клупа и неподготвени играчи), и впечатокот беше многу подобар во однос на првите натпревари, сепак како завршуваше првиот дел, квалитетот и  комплетноста како колектив на Словенија доаѓаше до израз.

Словенија има многу интересен и незгоден состав и склоп на играчи, каде што во офанзива нивните пивоти се навистина корпулентни и изускуваат одбраната да има габарит и висина на централни позиции, но од друга страна располага со ниски, брзи и до перфекција технички подготвени бекои (со исклучок на Мацковчек), против кои за успех мора да имате многу подвижна зона.

Токму затоа, селекторот во игра во нашата зона (а како жртва на тоа и во напад) го врати Филип Талески, кој иако нема габарит за борба со словенските пивоти, сепак е наш највисок играч и има брзина во своите нозе. Заедно со Маркоски го чуваа централниот дел на нашата зона, со насоки да не се излегува длабоко на бековите на Словенија која стартуваше со Бомбач, Зарабец и Доленец, релативно (и повеќе од релативно) ниска, брза и „досадна“ бековска формација. Нашите халфови на два и пет, Стоилов и Кузановски имаа дозвола да излегуваат подлабоко, да ја „густат“ зоната во средина со цел да насочат противничките бекови на блокот на нашата висока централана формација. Она што беше воочливо во првиот дел од натпреварот, дека нашата зона со Митревски на голот кој успеа да собере 6-7 одбрани, делуваше солидно, со проблем на дуел игра кај Маркоски каде напаѓаа буквално сите три бекови на Словенија. Како резултат на тоа во еден подолг период бевме со играч помалку во поле. Исто така треба да се спомене дека имајќи предвид дека Стоилов од кревет скокна директно на СП, очигледна е неговата физичка неподготвеност која се одрази во два правци на играта.

На другиот крај на теренот нашиот напад, како жртва на тоа што на одбраната и беше потребен профил на Талески, стартуваше во „стандардна“ формација со Кузмановски, Талевски и Лазаров и Стоилов на „црта“ (како опција кога треба да имаме минимум измени против силната транзиција на противникот),  кои напаѓаа висока зона 6-0 со Благотиншек и Мацковчек на позиции три и четири. Иако, очекував да бидат повнимателни на капитенот Лазаров, со Цингесар како дефанзивно насочен играч наспроти неговите скромни напаѓачки квалитети, сепак Љубо Врањеш иако условно дозволи игра два на два со пивотите, сепак зоната ја постави доста плитко не оставајќи простор за истите да маневрираат. Тоа ни даде можност да пробаме да нападнеме со шут надвор од девет метри, ситуација (плитка зона, шут без контакт со противник)  која што ја искористи Талески, кој после долго време во серија погодуваше.

На таа игра се надоврза и Кузмановски кој неколку пати на асистенција на Лазаров ја „пробиваше“ зоната на противникот и изнудуваше седмерци. Во тие моменти семафорот „изгледаше“ навистина и повеќе од пристојно и Македонија беше во егал позиција. И на овој натпревар селекторот Брестовац ги користеше нашите крилни напаѓачи за влегување на втор пивот во зоната на противникот и на тој начин префрлувајќи го Стоилов на условно кажано играчи кои немаат физички предиспозиции за игра два на два, „бегајќи“ од позициите три и четири.

Како што е вообичаено за екипи со ограничен број на квалитетни и искусни играчи, и притоа за противник има сериозна репрезентација со широк ростер, после дваесетина минути играње во добар ритам на двете страни на теренот, Македонија почна да ги покажува првите недостатоци, нашиот напад беше долг и неубедлив (во принцип натпревар кој во голема мера се одвива пред голот на противникот е осуден на неуспех) и како резултат на тоа Словенците истрчаа неколку транзиции и ја најавија победата. На тоа во добра мера „кумуваше“ и синоќа извондредниот Урбан Лесјак, кој одбрани во голем стил. Иако натпреварот беше се уште во прва фаза, со повлекување на Лазаров од игра, селекторот најави дека не верува во поволен резултат, давајќи им можност на останатите двајца десни бекови Велковски и Серафимов „да трошат“ минутажа и почувствуваат големо натпреварување.

По почетните неколку минути од вториот дел, каде што повторно се обидовме со сите сили да направиме нешто повеќе, нашиот стручен штаб комплетно ја промени поставата и дефинитивно се откажа од нумерчкиот дел од натпреварот. Во оваа ситуација, мораме да гледаме позитивно на сегментот каде неколку играчи, пред се Томовски, па и Серафимов како играч кој со својата антропологија и одлична техничка подготвеност, слично како и Велковски можат целосно може да се стават во функција на тимот и во иднина да бидат поддршка на Кузмановски, па зошто не и Талески кои треба да бидат предводници (и главни потрошувачи на топки) на новата македонска ракометна репрезентација. Доволно за просечна селекција, за нешто повеќе ќе мора да го бараме „факторот Лазаров“.

Во останатите два натпревари од нашата група Египет покажа класа со Русија, победувајќи со добра разлика и што е поважно оставајќи ги Русите на малку погодоци, најави борба за медал со одлична тактичка поставеност, како дополнение на феноменалните физички предиспозиции кои ги поседува египетскиот состав. Белорусија оди во нагорна линија, инвестира во ракометот веќе долго време и вчера беше и повеќе од егал противник на Шведска во натпревар ко заврши нерешено.

Следен наш противник е селекцијата на Русија, спортски џин, селекција која последните 10-15 години не е во топ 10-12 репрезентации, но предводена од популарниот Петко на клупата делува „разбудено“ и подмаладено. Житников е организатор, а ѕвезда во надоаѓање е Косоротов, одличен млад лев бек. Ако ги натераме да играат подолго време пред нашиот гол со една поагресивна зона и направиме „нов рекорд“ на реализирани контри или полуконтри, од досегашните три по натпревар, можеме да очекуваме квалитетно презентирање.

Среќно момци!

Се вчитува...