Грузија без одговор за семоќниот Лука Дончиќ

Словенија без многу проблеми се пласираше во втората рунда од Мундобаскет 2023  откако попладнево и полесно од очекувањата ја совлада Грузија со убедливи 88-76. Повторно во главна улога беше Лука Дончиќ, кој со уште едно беспрекорно идание покажа зошто важи за еден од најдобрите кошаркари на овој светски шампионат.

Дончиќ ги постигна првите десет поени за Словенците, по што оваа селекција по само неколку минути игра поведе со 12-2. Грузија успеа да се врати и уште во првата четвртина да дојде до предност, но како клучен се покажа вториот дел од втората четвртина. Во тој период Грузијците се соочија со неочекувани проблеми во нападот, Словенија ги имаше расположените Препелич и Дончиќ и стигна до водство од 13 поени по дваесет минути игра (45-33). Грузија само за момент ја спушти разликата под десет поени, но Словенците предводени од Лука влегоа во нова серија, стигнаа и до „плус 20“ , водство што до крајот умешно го сочуваа до конечните 88-76.

Црна дамка за словенечкиот состав претставува повредата на Јака Блажич, откако Шенгелија во третата четвртина падна врз грб на бекот на Словенија, по што тој веднаш се упати кон соблекувалната и повеќе не се врати ниту на клупата за резерви.

Дончиќ одигра уште еден маестрален натпревар реализирајќи 34 поени, надополнети со 10 скока и 6 асистенции, Препелич постигна 15, а Драгиќ 12 поени за Словенија, додека прв стелец на Грузија беше Мамукелашвили со 21 поен.

Се вчитува...