Интервју Војдан Стојановски: Отворено за ладните сали, култот кон репрезентацијата, за младите играчи…

Војдан Стојановски веќе има 36 години, но големиот ас останува број 1 на домашната кошаркарска сцена. Капитенот на репрезентацијата имаше уште една блескава сезона во дресот на МЗТ Скопје, стигнувајќи до МВП наградата во финалната серија со Пелистер, импресионирајќи со пристапот, професионализмот и квалитетот од првиот до последниот ден во минатата календарска година. Поради сето тоа, Војдан апсолутно заслужено се закити со наградата за најдобар кошаркар во македонското првенство.

Секогаш скромен, Стојановски во ова интервју отворено говори за случувањата на македонската кошаркарска сцена, идентификувајќи дел од проблемите што би требало што поскоро да се решат за овој спорт да почне да се движи по нагорна линија…

„Најубав спомен во 2023 година дефинитивно ми е двојната круна со МЗТ Скопје. Најпрвин куп-трофејот, а потоа и шампионската титула. Ја продолживме доминацијата на домашната сцена и ги израдувавме навивачите… Како жал останува што неуспеавме да обезбедиме опстанок во АБА1. Мислам дека заслуживме да останеме дел од елитата, се случи тоа што се случи, мислам дека самите сме си најголеми виновници што не побегнавме од тоа последно место. Многу потешко е да се влезе, отколку да се опстане во тоа елитно друштво, сега го гледаме тоа кога повторно сме во АБА2, со клубови со сериозни буџети и амбиции за тоа едно место кога води во првата лига. Ние секако не се откажуваме и ќе дадеме се од себе за веднаш да се вратиме назад во АБА1“, го почнува Војдан Стојановски разговорот за ЕКИПА.

Војдан беше дел од Фени индустри во сезоната 2010/11, каде по освоената титула и трофејот во БИБЛ се реши за меѓународен предизвик, заминувајќи најпрвин во Украина, по што следеа и трансфери во  Германија, Шпанија, Турција, Франција… По повеќе од една деценија Стојановски се врати назад во мак-баскетот, но Војдан не го крие разочарувањето од очајната инфраструктура.

„Од моментот кога се вратив, пред речиси две години, па се досега можеби има мало кревање на квалитетот бидејќи Работнички се крена и се приклучи на битката за висок пласман. Одредени клубови низ годините покажуваат амбиции за составување на квалитетни ростери, но она што лично ме разочарува е што условите во салите остануваат исти како и пред повеќе од десет години, кога си заминав одовде и почнав со настапи низ Европа. Сите треба да разберат, тие лоши услови за работа, за тренинг, сето тоа придонесува квалитетот да не биде на посакуваното ниво“.

Колку и да звучи трагично, главе проблем на македонскиот спорт и во 2024 година останува слабата инфраструктура и ладните сали.

„Прво што треба да се направи е сите ние, од сите екипи, да тренираме во топли сали… Затоа што тренинг во топла и во ладна сала е нешто неспоредливо. Сите кои работат во ладна сала кратат од ефективниот тренинг, се компензира на најразлични начини. Од десет месеци колку што треба да тренираш во полна пареа за да играш максимално, ние три месеци се врзуваме, се обидуваме да се штитиме од најразлични повреди поради немањето основни услови за работа. Кога е најладно наместо по два се има по еден тренинг на ден, се компензира со нешто друго, но со такви импровизации не можете да очекувате професионализам и врвни резултати, споредбено со клубовите во регионот, воопшто да не се споредуваме со оние во Западна Европа“, вели Стојановски.

МЗТ Скопје ја брани двојната круна, „металците“ моментно се првопласирани на табелата, но на Војдан му е јасно дека вистинските предизвици допрва следат. Сепак,во стил на голем спортист, тој го поздравување кревањето на квалитетот на домашната сцена.

„Мислам дека ќе биде потешко да се стигне до титулата отколку што тоа беше случај лани. Пелистер и Работнички направија добри екипи, со квалитетот се приближно тука и нема да биде нималку лесно во дуелите со нив. Тоа во секој случај е за поздравување, бидејќи се потребни што повеќе квалитетни натпревари за да се врати кошарката онаму каде што припаѓа. Добро е што Работнички е силен и што овие дерби дуели носат неизвесност како во минатото. Одлично е да се игра и во Пелистер, каде салата е полна со гледачи и се игра во една спортска атмосфера. За нас како професионалци е многу подобро кога играме такви силни натпревари пред полни трибини отколку во празни сали“.

Како капитен на репрезентацијата, Војдан верува дека може да се пласираме на следното европско првенство, но само доколку биде исполнет еден услов – по подолго време репрезентацијата да биде комплетна во квалификацискиот циклус што почнува следниот месец.

„Пред нас е нов квалификациски циклус во 2024, во кој повторно ја имаме истата желба – да се вратиме на едно Европско првенство. Мислам дека ако сме комплетни, можеме да се надеваме на успех. Навистина, имаме осцилации во игрите и резултатите во изминатиот период, но не треба да се заборави дека ние во последните две години речиси никогаш да не сме настапиле со сите расположливи оружја. Да не го заборавиме оној балон во Перм, кога бевме комплетни, игравме одлична кошарка, ги победивме и Италија и Естонија. Токму тоа ми дава верба за ова што следи, ако сме комплетни верувам дека можеме да стигнеме до посакуваните  резултати. Јасно е дека Естонците ни се клучен ривал и во овие квалификации, тие играат брза и физичка кошарка, но јас верувам декаможеме да им парираме. Ако сме комплетни, можеме и дома да се надигруваме со Полска, зошто да не и да победиме. Клучно е сите да се собереме и да дадеме свој придонес за нови успеси Како што реков, клучот е да се биде комплетен бидејќи ако нии недостига само еден поважен играч, ние веднаш имаме сериозен проблем што тешко моможеме да го пребродиме“, вели капитенот Стојановски.

Како предводник на оваа репрезентација, тој апелира до сите кошаркари да се стават на располагање на националниот тим.

„Се чекаат резултати и пласмани на големи натпреварувања, а наш главен проблем е што никогаш не сме комплетни. Не сакам да навлегувам во причините на поединци низ сите овие години, но за мене лично играњето за репрезентацијата секогаш било апсолутна чест и секогаш сум доаѓал. Гордост е да играш за својата земја, на мене и на многу други репрезентацијата ни помогнала да изградиме успешни кариери и се надевам дека и помладите ќе почнат да размислуваат на таков начин. Успех со репрезентација, тоа е нешто за што сонува секој професионален спортист“, порачува Војдан.

Тој го поздравува и успехот на младинската репрезентацјиа со влезот во А дивизијата на шампионатот во Скопје минатото лето.

„Мислам дека кога говориме за иднината, не треба да бидеме песимисти бидејќи следи една талентирана генерација. Тоа се оние деца кои летово обезбедија пласман во А дивизијата на младинскиот шампионат во Скопје.  Таму се Петков, Митревски, Шошкиќ, Симиќ, Хот… тука се и Андоновски и Миловановиќ од МЗТ со кои тренирам секој ден, мислам дека тие се играчите кои во следните три четири години треба да созреат, да направат чекор напред и со лидер како Нено Димитријевиќ, со едно квалитетно странско засилување под обрачите, би можеле да имаме силна репрезентација. Секако, клучно е тие да се развијат“.

За развој дефинитивно е неопходна минутажа, нешто што со години наназад беше сериозен проблем за младите македонски кошаркари.

„Искрено сум разочаран што беше укинато правилото за задолжителен настап на двајца македонски играчи во секое време, бидејќи овие млади кошаркари кои ги набројав напредуваа токму поради тоа правило и поради минутажата што ја добиваа, не само како бројка, туку и улогата на теренот и довербата што тренерите им ја укажуваа. Тие полни со самодоверба настапија на шампионатот минатото лето и тоа донесе резултат. За жал, сведоци сме како со укинувањето на правилото сега и нивната минутажа се намали, улогата во екипите им се промени, а тоа е сериозна закана дека може да дојде и до стагнирање во кошаркаркиот развој на овие млади играчи, што е проблем не само за нив самите, туку за целокупната македонска кошарка. Ако овие деца не играат сега, ќе останат на нивото на кое се во моментов, што е недоволно за да се надеваме на позитивни резултати во репрезентацијата“.

Работата со младите е огромен предизвик за сите вклучени во мак-кошарката, а  Стојановски апелира сите да дадат свој придонес за развој на овој дел.

„Младите играчи само по себе треба да покажат повеќе глад, желба за напредок. Од друга страна пак, и ние сме биде млади и јасно ми е дека на тие години несекогаш тренинзите ти се приоритет. Тука треба да настапат и клубовите и тренерите, малку повеќе да ги форсираат тие талентирани деца. Не говорам тука за давање шанса на терен и загарантирана минутажа, туку едноставно со повеќе работа на тренинзите, со индивидуален напредок тие деца уште повеќе да чекорат напред во кошарката, потоа да имаат и позначајна улога на теренот уште од порана возраст. Јасно е дека не сите талентирани деца се вредни и работливи, работа на тренерите е да го препознаат тоа и да извлечат и повеќе од нивниот моментен максимум“.

Уште еден аспект што треба да се согледа е физичката сила и подготвеност на младите кошаркари. Војдан како играч што минал низ бројни држави низ кариерата потенцира сериозен дел од проблемот.

„Последните години кога бев во Франција, ние поискусните трениравме во теретана по два пати неделно, но оние млади играчи редовно одеа по четири пати на ваков вид на тренинзи. Тие многу добро знаат колку е важна физичката подготвеност за да се стане квалитетен играч и во тие години од околу 16-18-20 години се работи многу на тој аспект од подготовките. Кај нас, сите тренираат по два пати неделно во теретана, барем во посериозните клубови. Тоа е двојно помалку тренинзи, на младите македонски играчи во однос на врсниците од Западна Европа. Најлесно е кога ќе ги видиш врвните спортисти како се атлетски градени, да кажеш дека е до генот, но не е така. Верувајте дека се е во систематската работа, од рана возраст смислена да им овозможи да се развијат и да прераснат во врвни спортисти. 

Кога на 36 годишна возраст ќе бидеш избран за кошаркар на годината, јасно е дека така доминантен не треба да размислуваш за крај на кариерата.

„Ќе играм се додека се чувствувам физички добар. Се додека сум физички подготвен ќе продолжам да играм, не сум од оној тип на луѓе кои по секоја цена би играле. Никогаш не би си дозволил да не сум подготвен, да се бламирам, да се влечам по терен. Она што е сигурно во моментов, верувам дека можам уште да играм на високо ниво. Договорот со МЗТ ми истекува на крајот од сезонава, не размислувам за ништо друго, само на остварување на  зацртаните цели и освојување на нови трофеи со овој тим“, порачува за крај Војдан Стојановски.

Се вчитува...