Историска победа за Зеленортските острови, екс-играч на МЗТ до мундијалски триумф

Репрезентацијата на Зеленортски острови ја забележа историската прва мундијалска победа откако утрово триумфираше над Венецуела со резултат 81-75. Африканската селекција имаше двоцифрена негатива по првото полувреме, но успеа да се врати и благодарение на одличната одбрана во последните десет минути (21-9) да стигне до пресврт и голема победа. Центарот на Реал Мадрид, Еди Тавареш беше извонреден со 20 постигнати поени, а помош доби од Иван Алмеида, кој реализираше 18 поени и шест скокови.

Јужен Судан ја забележа првата победа на СП откако без многу мака ја декласираше Кина со убедливи 89-69. Кинезите ја одиграа на ниво само втората четвртина што ја добија со 26-22, останатите минаа во целосна доминација на африканските кошаркари, во чиј табор се истакнаа Џонс со 21 поен, Куани со 16, додека поранешниот кошаркар на МЗТ Скопје, Нуни Омот постигна 14 поени, три скока и две асистенции во овој триумф на својата селекција.

Најнеизвесно од утринската програма беше на мечот меѓу Нов Зеланд и Јордан, на кој селекцијата на Нов Зеланд дури по продолжение од пет минути стигна до триумф од 95-87. Јордан на десет секунди до крајот успеа да се избори за продолжение, но немаше сили за да приреди сензација откако во дополнителните пет минути постигна само два поени. Ронде Колинс Џеферсон со 39 поени беше најефикасен кај Јордан и воопшто на натпреварот, додека најдобри поединци кај Нов Зеланд беа Леафа со 23 поени и Или со дабл-дабл од 15 поени и 10 скокови.

Се вчитува...