Италија успешна на „поправниот испит“, Австралија со „стотка“ преку Јапонија

Италија експресно го остави зад себе разочарувачкиот пораз од Доминиканската Република, па „аѕурите“ со вечерашниот триумф над ко-домаќинот Филипини (90-83) обезбедија пласман во втората фаза од Мундобаскет. Италијанските кошаркари имаа контрола на резултатот во текот на целиот меч, но падот на концентрацијата во финишот им овозможи на Филипинците да се приближат на „минус седум“. Филипини не реализираа два напади при 81-88, по што Италија го приведе мечот до крајот, славејќи со конечни седум поени разлика.

Фонтекио ги предводеше стрелците во италијанскиот табор со 18 поени пред Ричи со 14 и Спису со 13 поени и 9 асистенции. Кај Филипини повторно во главна улога беше Кларксон, кој постигна 23 поени, недоволно за оваа репрезентација да стигне до првата мундијалска победа.

Австралија без многу мака славеше над Јапонија со убедливи 109-89, визирајќи си го пласманот во следната рунда откако „кенгурите“ во второто коло загубија од Германија. Импресивниот напад беше заштитен знак на Австралијците на овој натпревар, победата осигурувајќи ја уште во првото полувреме што го добија со убедливи 57-35.

Гиди беше незапирлив со 26 поени и 11 асистенции, Кукс реализираше 24 поени за Австралија, додека кај Јапонците повторно импресивен беше центарот Хокинсон, постигнувајќи 33 поени и седум скокови.

Се вчитува...