Македонија доби прв интернационален врховен судија во пинг-понг во името на Ангелина Иванова (ФОТО)

Македонија за прв пат доби меѓународен врховен судија по пинг-понг со лиценца „Интернационален судија“ добиена од Меѓународната пингпонгарска Федерација – ИТТФ. Оваа лиценца во светот ја имаат само мал број на луѓе, а во Македонија единствено ја поседува Ангелина Иванова која е и една од најмладите судии на светската листа.

Иванова долги години се занимава со пинг понгот како играч, судија и организатор на пингпонгарски натпревари. Таа ја имаше лиценцата за меѓународен судија од 2016 година и има судено на повеќе од 20 меѓународни натпревари меѓу кои и европски и светски првенства.

По успешните настапи на овие првенства, а по препорака на оценувачите на судии од ИТТФ и со поддршка на Пингпогарската федерација на С. Македонија, Ангелина учествуваше на школата за Врховни судии – “International Referee school” во Хелсинки, Финска од 13. до 16. октомври каде успешно ги помина сите тестови и вежби и официјално се здоби со лиценцата „Интернационален судија“.

Со оваа лиценца Иванова ќе може да води меѓународни натпревари од највисок калибар како европски, светски и отворени меѓународни турнири, а веќе од 2023 година се очекува да учествува на повеќе врвни турнири на Балканот како и престижниот втор по ред „WTT Youth Star Contender“ турнир кој ќе се одржи во Скопје на почеток на септември 2023 година.

Се вчитува...