Михајловиќ со трогателно писмо: Крај на солзите, битката почнува

Синиша Михајловиќ се најде во центарот на вниманието на фудбалската јавност изминатиот викенд, но од нефудбалски причини откако српскиот стратег обелодени дека е принуден да се повлече од спортските ангажмани бидејќи има леукемија. Во изминатите 48 часа тој доби бројни пораки со поддршка, а Михајловиќ реши да им се заблагодари на сите со писмо што го објави во весникот „Газета дело спорт“.

„Постојат моменти во животот кога ќе се сретнете со противник што е тешко да се победи, проблем што е тешко да се реши. Дојдов до таков момент, но за среќа не сум сам, имам огромна поддршка. Во овие неколку дена примив толку многу симпатии, солидарност и позитивна енергија, што ми дадоа неверојатна сила и сигурност дека ќе ја добијам битката против леукемијата.

Добив илјадници пораки, сите ги прочитав, за мене секоја од нив значи грижа, прегратка, ме допреа во срце. Беше тешко, се извинувам на сите што не ви одговорив. Затоа и решив вака, преку Газета, да се обратам на сите.

Благодарност до претседателите на клубовите за кои се борев како играч и како тренер, како и на оние со кои никогаш не соработував, за прекрасните зборови што ми ги упатија. Фала и до поранешните соиграчи, како и на ривалите против кои настапував, за сета поддршка што ми ја дадоа.

Благодарност и до сите навивачи, и на оние кои ми свиреле и ме навредувале, а сега ми пишуваат да се борам. Големо фала на пријателите што ги создавам во текот на кариерата, како и на сите оние непознати луѓе кои знаат каков човек сум. Од претседателот на државата до писмото во кое едно дете ми нацрта насмевка, сите сте ми важни.

Благодарам уште еднаш, времето на солзи заврши, сега е време за борба. Се гледаме наскоро“ – напиша Михајловиќ.

Се вчитува...