Омер Буњаку: Не сите скопјани сакаат данокот кој тие го плаќаат да оди за ФК Вардар…, во Скопје има четири клуба подобри од Вардар!

Советот на Град Скопје денеска донесе одлука за помош на ФК Вардар од околу 250.000 евра. Сето тоа предизвика незадоволство кај дел од фудбалската јавност од Скопје.

Попладнево на социјалните мрежи се огласи и директорот на шампионот Шкупи, Омер Буњаку кој истакна дека не сака данокот кој тој го плаќа да се користи за помош на Вардар додека во Скопје има уште четири други клубови кои се подобри од црвено-црните.

„Кај нас е задолжително сите клубови да преминат во Акционерско друштво, значи ќе имаат свои спонзори, вклучително и некои други начини кои доаѓаат како помош од самата држава. Но, не сакајќи да се занимава со темата акционерски друштва, Советот на Град Скопје како да заборава дека нема право да ги дели клубовите. Ова го велам, затоа што во Првата лига нa Македонија, само од градот Скопје, во моментов се натпреваруваат четири клуба, Шкупи, Македонија Ѓ.П. , Работнички и Скопје, додека токму Советот на град Скопје, со поднесување на амандманот од советници на ВМРО и дел од советниците на СДСМ одлучија да му помогнат на клубот Вардар со 15.000.000 денари, кој се натпреварува во Втората лига. Овој клуб сега веќе не му припаѓа на градот, туку е во приватна сопственост. Зарем избраните во Градското собрание заборавија (освен Албанците кои не го поддржаа), дека не сите скопјани го сакаат Вардар и дека не сакаат парите од данокот да им одат во клубот што не го родила мојата мајка. Со оглед дека плаќам данок, не сакам да го спонзорирам и финансирам клубот Вардар, а ние да земеме помалку кога и ние како клуб што се натпреваруваме во Првата лига имаме голема потреба од помош од градскиот буџет, чиј сеф е исполнет со огромни средства. Време е, избраниците во градот да не бидат за едни мајка, а за други маќеа, секој да се труди да си ги исполни обврските според работните места што ги добил. Всушност, советниците на ВМРО и дел од советниците на СДСМ со овој чин не му помагаат на клубот Вардар, туку директно на неговите нови сопственици“ – се вели во реакцијата на Буњаку.

Се вчитува...