СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (8): Моќниот Баерн Минхен, предводен од Франц Бекенбауер…, на колена пред Вардар!

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

Постои еден популарен, распространет стереотип за милиони навивачи ширум планетата, дека фудбалот е најбавата споредна работа на светот. Тој е, во некоја рака, и само делумно точен ако се знае дека има навивачи, и тоа во не мал број, за кои фудбалот и нивните клубови се единствената најважна работа во нивните животи. Ги имало и ги има и денес и на нашите простори. Тие се оние најлојалните, посебните и доживотни приврзаници на своите миленици, на боите на клубот и на за нив вечно светото име со кое се поистоветуваат. И, добро е што ги има.

На улица 56, денешна Преспанска, број 21, и денес во истата куќа во Скопје веќе 130 години живее семејството Чоневци. Петто колено откако дедото Чоне Први во далечната 1892 година, со дукатите собирани од неговите предци, и тоа што самиот успеал да го спечали, станува жител на славното Маџир маало, единственото кое е распослано на самиот десен брег на реката Вардар.

Жителите од куќите на ул. Кеј 13 Ноември имаа буквално свои приватни плажи. Во топлите летни денови, влегуваа директно од своите дворови во тогаш бистрите води на нашиот Вардар.

„Можеби затоа, за нас децата од најисточното скопско маало, се зборуваше дека побрзо пропливуваме отколку што проодуваме, и дека прво ја земаме трската во рака па ловиме риба, а дури потоа моливот и учиме да пишуваме. Да, не беа изоставени и гласините како најзгодните на скопското корзо, се разбира и со сите оние посебности кои ги красат староседелците – скромноста, заедништвото, чувањето и негувањето на традицијата на семејството“ – се потсетува големиот „вардарец“ Јосиф Чоневски, и дополнува:

Маџир-маалскиот фудбалски „ескорт-ешалон“

„А, десеттина дечиња на возраст од 13 до 15 години, сите соученици во основно училиште, слободното време го поминувавме со прошетки низ уличката која се протега лево и десно од денешната Ѓуро Ѓаковиќ, тогаш главна улица од Комплексот банки па до Железниот мост. Низ брканиците по околу четиристотини метри долгата улица редовно се подзастануваше пред слаткарницата ‘Пилот’, само накратко од разбирливи причини. Околу 15 часот ќе се разделевме со трк до нашите куќи. Мене мајка Благуна, точно во секунда секогаш ме чекаше пред дрвената порта, зелено офарбана, потпрена со едната рака на колкот а другата испружена напред од која во полн трк го зграпчував парчето леб, некогаш со маст и црвен пипер, а некогаш само со малку шеќер и вода… По ручекот во само триесеттина чекори ќе слетав на песочното игралиште веднаш до дрвеното мосте преку кое се стигнуваше до Воената болница, Лука маало и Крњево каде имавме фудбалско дружење со децата од тие маала. Дружење во очекување да поминат и нашите омилени вардарци, од нашето Маџир маало. Играта со топката ќе се разгореше секогаш кога ќе забележевме дека поминува Кире Дојчин, мојот прв комшија од улицата 55/21, кој беше постар и веќе првотимец на Вардар. Ќе ги искршевме нашите боси детски нозе, патики секако немавме, гласно се довикувавме, шутиравме, паѓавме, дриблавме, само за да му го привлечеме вниманието кон нас. Кога ќе не одминеше се искачувавме на кејската патека и одевме триесетина метри зад него, во тишина, следејќи го неговиот жив, карактеристичен, елегантен долг чекор. Како да не не забележуваше, или барем се правеше така, се додека не застанеше на тротоарот од улицата Кочо Рацин, на мостот кај Богородичната црква за да пропушти некое возило, кои во тоа време беа секако многу ретки. И, тогаш, без да се сврти само ќе ја подигнеше десната рака, ќе ни мафнеше и ќе ја преминеше улицата. И, секогаш така… Мислам дека и денес кога го поминувам мостот, токму на тоа место го гледам неговиот поднасмеан лик пред себе. А, потоа брзо назад по истата постапка, и истото го повторувавме и со Диме Георгиев, па Љубиша Николиќ кого само со поглед го испраќавме затоа што точакот му беше пребрз за нас, и на крај и целосно ќе ја запревме играта кога низ облак прашина ќе профучеше со колата тренерот Урош Петровски, кој секогаш ги имаше најубавите возила во маалото. Тоа беше нашиот секојдневен ритуал поради кој мојот постар брат Мирко, инаку школски другар со Диме, не нарече маџир-маалски фудбалски ескорт-ешалон. Така и ние станавме вардарци и негови верни навивачи, дури и пред воопшто да одгледаме натпревар на клубот за кој навивавме“.

Младите „вардарци“ Љубиша Николиќ, Мирко Чоневски, Диме Јаневски… на реката Вардар пред своите домови во Маџир Маало

А, во тоа време во Скопје, барем во светот на возрасните, со поразлични очи се гледаше на фудбалот. Да. Го сакаа, силно навиваа за Вардар, немаше двор, немаше куќа во која не се разлеваше радоста по победите на клубот заедно со гласот на Ивко Панговски кој не ретко, со своите раскошни зборови, ги разубавуваше радио-преносите од натпреварите. Но, родителите на сите млади скопски момчиња, сметаа дека фудбалот е само една убава младешка забава но непосакувана професија за нивните синови. Многу жртва, а професија со краток век и неизвесна иднина. Поради тоа во најголем број случаи, младите момци се откажуваа од фудбалот и своите детски соништа. Сето тоа не важеше за онаа златна млада генерација на Вардар од сезоните 1964 и 1965, кои беа упорни, израснаа во одлични момци, за пример спортисти, гордост на Маџир маало.

„Затоа денес предрасудите нема да му попречат на мојот внук Јоже ако посака да оди по нивниот вардарски пат, да добие полна поддршка од дедо. И, наскоро ќе го добие првиот свој црвено-црн дрес. Традицијата мора да продолжи“ – вели Јосиф Чоневски.

НЕВЕРОЈАТНИОТ ИДРИЗ СУЛЕЈМАНОВ, ПО ДИРЕКТНО ИНСИСТИРАЊЕ НА ТРЕНЕРОТ ПЕТРОВСКИ, СО ГОЛ ДИРЕКТНО ОД КОРНЕР ГИ „ЗАМРЗНА“ ГЕРМАНЦИТЕ

А, токму таа златна млада генерација на Вардар, од 18 момчиња од скопските маала, во јуни 1965 година се подготвуваше за финалето на силниот интернационален турнир во Баден Баден против моќниот Баерн Минхен. Димитрија Георгиев, Доне Божиновски, Александар Пановски – Мац, Алберт Цветиниќ, Димитрија Георгиев, Мицко Николовски, Кире Николовски, Кире Пеев, Никола Пеповски, Драги Павловски, Љубиша Цветановски, Ванчо Балевски, Дончо Сеизов, Звонко Петровски, Идриз Сулејманов, Јуда Рамаданов, Тасе Тасевски, Слободан Петровски и Јован Панговски, предводени од тренерт Урош Петровски, се чини беа подготвени за историја.

„Првите минути од финалето беа можеби најважни за текот на целиот натпревар. Информациите кои ги добивме од тренерот во соблекувалната, за секој играч на Баерн пооделно, а веќе и ги знаевме нивните квалитети од меѓусебната средба претходната година, и тоа како ни овозможија да ги изненадиме уште на стартот со неколку брзи и прецизни акции пред нивниот гол. Најпрво Балевски во својот прв пробив за малку беше непрецизен, потоа и Сулејманов го измести од копачки својот чувар а одличниот центаршут и ударот со глава на Николовски едвај го сопре голманот Маер. Следеа и бројни аплаузи од коректната германска публика, кои ни дадоа дополнителни крилја. Доне, Пеев и јас одлично почнавме и во дефанзивата, не оставајќи да дише Милер (да, оној легендарниот Герд), неверојатно опасен, но успеавме да го оддалечиме од шеснаесетникот. Диме се повеќе се уфрлаше во нападот… Добивме на сигурност, лесно се движевме по теренот, умешно комбиниравме, и место ние по нив сега тие трчаа по нас. Играта стана динамична, се редеа акции на двете страни, а Франц (да, оној големиот Бекенбауер) командуваше со нивната игра и заедно со Шварценбек се обидуваа да ја преземат контролата. Но, не стигнуваа многу подалеку од средината на теренот“ – раскажува Јуда Рамаданов, и продолжува:

„На полувреме двете екипи бевме испратени со силни аплаузи од објективната публика. Во кабината тренерот Петровски веднаш ни даде нова задача. Се сеќавам на неговите зборови: ‘Мора да нападнете. Тие водат со 1-0 уште од минатата година. Значи ние сме во негатива. Одлично играте, продолжете така и знам дека овој пат вие ќе сте победниците!’. А, таа година чичко Илија не испрати на пат со три гарнитури дресови. Додека германските фудбалери во второто полувреме излегоа со нова, сува опрема, ние продолживме со истите од првиот дел затоа што немавме повеќе резервни по претходните натпревари. Но, затоа дресот беше и тоа како мотивирачки, со пришиениот квадратен платнен амблем со впечатливо големо кирилично ‘В’. Тој дрес на Вардар го чувствуваме како нешто моќно за нас“.

Бројни написи за неверојатните млади „вардарци“ во германските медиуми

Неверојатна позитивна енергија провеа во соблекувалната на полувремето. Младите „вардарци“ излегоа на терен, забрзувајќи го темпото. На секој напад на Германците одговараа со контра-напад. Домашните имаа неколку убави можности, ударот на Шварценбек го запре гредата, а во два напади неверојатниот Милер беше запрен од Божиновски и Рамаданов. Во последните дваесеттина минути играта како да се смири, и се навестуваше на меч без голови во регуларниот дел. Кај „вардарци“ силно се разви идејата дека мора да падне одлука.

„И, од една соло, не многу опасна акција на Пеев по десната страна, добивме корнер. Тренерот Петровски веднаш почна да скока од клупата довикувајќи: ‘Сулејманов, Сулејманов…’ и со рака покажувајќи тој да го изведе корнерот. Но, Идриз беше сосема на спротивната страна. Далеку е. И како да не му беше по ќејф сега тој да оди до корнер знаменцето, правејќи се дека не слуша. Чуден играч беше, огромен талент сличен на Драган Џајиќ, можеби би било претенциозно ако се каже и поголем. Незадржлив во еден на еден акциите, дриблер, издолжен долг корак, мек, левак, одличен удар а уште подобар прецизен центаршут… Но, на моменти пасивен и незаинтересиран. Тренерот Урош не може да се контролира. Влегува луто на терен, а судијата едвај го задржува и го враќа назад. ‘Ти…’ – продолжува прекорот. ‘Ти да го изведеш’ – му се заканува со прстот на Сулејманов. Па, конечно онака безволно Идриз оди кон десното корнер знаменце. Сите појдовме пред голот на Маер. Краток залет, чекор – два. Уште при ударот се виде дека Идриз немаше намера да центрира. Шутираше директно, со силно ефе кое го имаше, го знаеше… Директно во горниот агол од вториот дирек на голот. Директен гол од корнер. Публиката веќе беше на нозе уште пред топката да влета во мрежата. Неверојатен погодок – вистинско ремек дело. Целосно ги пресече противничките играчи. Па, во преостанатите десеттина минути играа комплетно хаотично. Ние го искористивме тоа и повторно на центаршут на Идриз Сулејманов, Николовски во финишот го запечати победникот“ – го опишува Диме Георгиев финалниот натпревар во Баден Баден.

Младите „вардарци“ го ставија на колена моќниот Баерн Минхен, освојувајќи го трофејот на еден од најсилните младински турнири во Европа во тоа време, кој на некој начин беше и младински клупски шампионат, ако се знае дека немаше официјални натпреварувања под капата на УЕФА во таа категорија во тоа време. А, легендарните имиња на Баерн Минхен, предводени од Франц Бекенбауер…, кои веќе следната 1966 година со Германија ќе играат во финалето на Светското првенство 1966 во Англија, тој јуни 1965 година се покорија пред нашиот Вардар и младите момчиња од скопските маала!

ПРОДОЛЖУВА: Полни актовки во Скопје и освоениот „кајзеров пехар“ – Вредности кои не изумираат!

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (7): „Вардарци“ со огромен респект дочекани во Баден Баден, посебно внимание за репрезентативците Балевски и Рамаданов!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (6): Како се создаваa генерациите – Маалските деца на Скопје кои стигнаа до финалето во Купот 1965!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (5): 18-те вардарови младинци кои го нападнаа Баден-Баден!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (4): Златко Илиевски – првиот во редот на моите „создавачи“!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (3): Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (2): Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (1): Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=============================================================

Се вчитува...