СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ – Борче Илиевски: Ме прежалија, но ремизирав со Боби Фишер

Битолчанецот Борче Илиевски (86) е единствен шахист од Македонија кој ремизирал со светската шаховска легенда

Пишува: Миодраг Мицковиќ

Можеби некој од помладите читатели ќе прашаат зошто сум се одлучил да напишам приказна за Борче Илиевски од Битола, шахист кој е мајсторски кандидат, не е велемајстор, ниту пак интернационален мајстор, но во шеесетите и седумдесетите години Борче Илиевски беше во врвот на македонскиот шах, сигурно меѓу петте најдобри шахисти во Македонија.

Па и денес кога би се правила ранг листа на десетте најдобри шахисти во нашата држава на сите времиња, немаше да биде заборавено името на Борче Илиевски, човек кој има учествувано на 21 првенства на Македонија, кој има играно на шампионатите на поранешна Југославија, тој е единствен шахист од Македонија кој успеал да ремизира со еден од најдобрите шахисти на светот, светскиот првак, шаховската легенда Боби Фишер.

Токму и приказната за Борче Илиевски (86), пензионерот од Битола ќе ја почнеме со првиот меѓународен турнир „ Средба на солидарноста“ одигран во Скопје, Охрид и Крушево во далечната 1967 година на кој за прв и последен пат играше Боби Фишер заедно со руските велемајстори Гелер и Холмов, со тогашните познати југословенски велемајстори Матуловиќ, Дамјановиќ, Јаношевиќ, Миниќ…

Гостувањето на Фишер во Македонија предизвика големо интересирање меѓу љубителите на шахот во Македонија, никој не веруваше дека ќе дојде во тоа време најпознатиот светски играч. Но тој сепак дојде, играше и победи на турнирот. Но на стартот се случи голема сензација за која долго се пишуваше, кога еден непознат, барем за него шахист, згора на тоа и мајсторски кандидат Борче Илиевски успеа да ремизира по 33 одиграни потези со славниот светски првак.
Борче Илиевски со кого пред извесно време разговаравме, се уште се сеќава на тој меч и ремито со Боби Фишер.

-Кога беа извлечени броевите на турнирот и беше одлучено јас прв да играм со Фишер, се „пресеков“, за мене, не само за мене, тој беше шаховски светец, играч кој тешко можеше некој да го победи. Околу нашата маса имаше најмногу гледачи, љубители на шахот, сигурно не поради мене, туку поради Фишер сакајќи од близу да го видат. Бев прежален, јасно, но од потег до потег играв се подобро, тремата мина, го принудив Фишер добро да се замисли по некои мои потези, на крајот по 33 одиграни, јас ги водев белите фигури, ми подаде рака предложувајќи ми реми, што јас, се разбира, со двете раце го прифатив овој предлог за мене, како од сон. Од него загубија сите македонски шахисти кои играа на турнирот, Ничевски, Софревски, Данов и Панов.

-Што ве привлече токму на шахот, Битола беше и остана град на фудбалот и ракометот?

-Па и јас почнав да трчам по парталавата топка во нашето маало некаде 1946 година, кога бевме поделени на „звездаши“ и „партизановци,, но благодарејќи му на тогашниот пионерски раководител Александар Поповски, кога заминав на летување во манастирот кај селото Цапари, се вљубив во шахот, почнав се почесто да го посетувам шаховскиот клуб „Стево Патако“ , станав негов член и почна мојата шаховска кариера.

-Кој беше вашиот прв официјален настап на шаховската табла?

-На Градското првенство на Битола 1951 година го освоив третото место зад тогаш познатите битолски шахисти Зози Иракли и Јонче Сотировски. Истата година бев трет и на младинското првенсто на Македонија што се одржа на Попова Шапка.
-Од 1952 година кога за првпат станав првак на Битола се до 1957 година титулата беше моја, но почнав да ја чувствувам силата на мојот помлад брат Димче Илиевски, кој потоа од мене го презеде приматот прв шахист на Битола.

-Имате играно на 21 шампионати на Македонија, кој беше Вашиот најголем успех?

-Дебитирав на шампионатите на Македонија 1953 година во Охрид, немав некој позабележителен пласман, некако играв со трема. Но по две години во Скопје се пласирав на четвртото место. Титулата првак на Македонија ја освоив 1964 година во Охрид кога од 15 поени, освоив 12.5 победувајќи пред Јован Софревски.

– Игравте и на шампионати на Југославија?

-За првпат како првак на Македонија во Нови Сад на 20 јубилејното првенство 1965 година. За половина поен ми избега титулата мајстор.

-Настапивте на многу републички, сојузни и меѓународни турнири а сепак останавте со титулата мајсторски кандидат, а имавте успеси?

-И јас се прашувам зошто иако бев во врвот на македонскиот шах додека играв активно. Некако чувствував дека кон мене имаше доста неправди од раководните луѓе во тогашниот Шаховски сојуз на Македонија. На мајсторскиот турнир во Битола 1981 година, на кој играа и велемајсторите Шаховиќ и Кнежевиќ, јас за цел поен ја натфрлив нормата за мајстор, но сепак не ја добив титулата. Наводно турнирот ја немал таа категоризација. Истото се случи и на турнирот во Бела Црква 1982 година. За титулата мајстор требаше да се има рејтинг од 2,300 поени, јас имав 2.350, но повторно не ја добив. Можеби и поради мојата неажурност. Никогаш не се борев за титули, јас не живеев од шахот, бев банкарски службеник. Шахот го играв од љубов и задоволство.

– Кој баше вашиот последен официјален настап?

-Последен турнир на кој учествував беше екипното републичко првенство во Струга за мојот клуб „Стево Патако“, 2008 година, играв на првата табла. И денес, иако веќе во години, другарувам со фигурите, ги следам настапите на нашите и светски шахисти, по некогаш ќе заминам во клубот да се видам со пријателите, да одиграм по некоја партија. Шахот не се заборава, кога ќе навлезе во крвта, тешко излегува.

-Колку е тешко да се игра шах и секогаш да бидеш при врвот?

-За да бидеш добар шахист, потребно е најпрвин добро здравје, талент и многу работа над шаховската табла. Па дури и физичка кондиција, максимална концентрација и издржливост. Не е лесно со часови да седиш на столчето, наведнат над таблата со 64 полиња. Секој пораз се доживува болно, непреспиена ноќ, помислата каде си згрешил, зошто не си повлекол друг, подобар потег. За да играш шах треба да си цврста личност.

Се вчитува...