СПОРТСКИ ВРЕМЕПЛОВ: Славко Дацевски е прв Македонец кој играл за Ц. Звезда, Панчев е најславниот!

Беше убаво чувството да се биде на трибините на арената „Тоше Проевски“, на хуманитарниот меч меѓу Вардар и Црвена Звезда чиј приход од продадените билети (повеќе од 23.000) беше наменет за семејствата на жртвите во дискотеката во Кочани. Прекрасна, носталгична, атмосфера која не потсети на оние години во поранешна Југославија кога играа овие два шампионски тима, последен пат пред 30 години во Скопје. Гледачите имаа можност да ги видат и поранешните асови на Црвена Звезда и Вардар кои продефилираа на полувремето на атлетската патека, бурно поздравени од многубројните гледачи. Со еден збор, убав настан кој долго ќе го паметат љубителите на фудбалот во нашата држава.

Ова сигурно е и прилика љубителите на фудбалот да се потсетат кои се фудбалери од Македонија играа за Црвена Звезда, која беше не само повеќекратен шампион на Југославија, туку и победник на Купот на европските шампиони и светски клупски првак.

Славко Дацевски

Славко Дацевски, еден од најдобрите играчи на Вардар, кој беше и капитен кога 1961 година го освои Купот на Југославија, една сезона го носеше црвено-белиот дрес на Црвена звезда во 1956 година. Активната кариера ја заврши во Австралија, во клубот Македонија Престон.

Две години подоцна за Црвена Звезда потпиша Владимир Николовски, кој со неа беше и на турнејата во Јужна Америка. Не остана долго во Белград, се врати во Вардар, а потоа играше и во Турција.

КИРИЛ ДОЈЧИНОВСКИ, БРАЌАТА БОШКО И МИЛКО ЃУРОВСКИ….

Третиот  вардарец кој го облече дресот на Црвена звезда беше најзвучното име во тие години, Кирил Дојчиновски, репрезентативец на Југославија, кој играше и на светското првенство  во Германија 1974 година. Имаше 190 официјални настапи за белградскиот клуб, пред да ја продолжи кариерата во Франција, во клубот Париз. Беше мошне успешен тренер во клубовите  во Јужна Америка.

Три години подоцна, само една сезона (1977), за Црвена звезда играше уште еден  вардарец, денес еден од најпознатите тренери во Македонија, Ѓоре Јовановски.

Најпознати браќа фудбалери од Македонија, Бошко и Милко Ѓуровски го одбележаа периодот на Црвена звезда пред да дојде Дарко Панчев. Потекнуваат од тетовското село Жилче, по  нечија препорака за Белград 1978 година ги однесе тогашниот тренер на подмладокот, подоцна и на првиот тим Милован Ѓориќ, кој во тоа  време го  нарекуваа „првиот српски бек“ поради неговата остра игра во одбраната на Црвена Звезда. Имаа успешна фудбалска и репрезентативна  кариера, подоцна и како тренери. Бошко Ѓуровски едно време беше и селектор на Македонија. Милко Ѓуровски беше интересен бидејќи е прв фудбалер на Црвена Звезда кој премина во Партизан и играше и за „црно-белите“.

Бошко Ѓуровски со Кочо Димитровски

Во тој период не смееме да го заборавиме и Слободан Горачинов, кого го сметаа за најголем фудбалски талент од нашата држава. Долго беше во Црвена Звезда, не успеа да го искаже својот раскошен талент. Не се наигра за првиот тим како што се очекуваше. Кога се збогуваше со активното играње беше и тренер на  Вардар.

И СЕЛЕКТОРОТ БОБИ МИЛЕВСКИ ИГРАШЕ ЗА ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Можеби мал број од љубителите на фудбалот во Македонија знаат дека и сегашниот селектор на нашата репрезентација  Боби  Милевски во далечната 1986 година со своите 16 години беше„ регрутиран“ од луѓето на Црвена Звезда како еден од најталентираните млади фудбалери, за да наредните пет години мине во младинскиот тим на најтрофејниот клуб од овие простори. Го тренираа Војкан Мелиќ и Јован Аќимовиќ, а потоа на само 20 години беше приклучен и во првиот тим на Црвена Звезда од страна на тренерот Велибор  Васовиќ. Но сепак, не остана во црвено -белиот табор. И покрај обидите тогашниот директор Драган Џајиќ да го задржи во своите редови, по добрата понуди и во желба за поголема минутажа, со оглед на огромната конкуренција во тоа време во редовите на европскиот шампион, замина во Ираклис од Солун, потоа  играше за Марибор, во Турција, Израел за да подоцна се посвети на тренерскиот позив.

Постарите љубители на фудбалот во Македонија сигурно се сеќаваа на големиот фудбалски талент од Валандово, Глигор Узунов кој мина речиси пет години во Црвена звезда, од 1979 до 1984 година  играјќи во подмладокот, потоа имаше потпишано и професионален договор, но играше за првиот тим само на одделни пријателски средби.

Познатиот тренер од Штип, Драган Христовски беше член на Црвена звезда во 1974 година, имаше професионален договор со клубот, дебитираше за првиот тим против Војводина, потоа патот го однесе во Напредак од  Крушевац. Како тренер беше и шеф на стучниот штаб на Вардар.

И двајца фудбалери од Прилеп имаа таа чест да бидат дел од Црвена звезда. Дарко Крстески има настапувано за првиот тим, но и Благоја Ѓорѓиоски-Баче, не доби шанса бидејќи конкуренцијата за првиот тим беше силна и по шест месеци си замина.

ДАРКО ПАНЧЕВ Е НАЈСЛАВНОТО ИМЕ КОЕ ИГРАШЕ ЗА ЦРВЕНО-БЕЛИТЕ

Потоа на сцена стапија најпознатите фудбалски имиња од Македонија кои го носеа со голем успех дресот на Црвена Звезда, Дарко Панчев /1988-1992/ и Илија Најдоски /1989-1992/. Не е потребно многу да ги претставуваме, доволен е само еден податок.

Најдоски и Панчев со трофејот од Купот на европските шампиони

И двајцата беа во составот на  Црвена Звезда која го освои Купот на европските шампиони во  Бари по победата против Олимпик од  Марсеј кога Панчев го реализира последниот одлучувачки пенал. Се радуваа и на успехот на Црвена звезда кога беше освоена титулата светски клубски првак против „Коло коло“ од Чиле (3-0) во Токио.

Стандардни првотимци на Црвена звезда  по Панчев и Најдовски, беа Драган Канатларовски /1989-1990/ и Митко Стојковски /1991-1993/, за да последниве години црвено белиот дрес го носеа и Горан Попов, Иван Тричковски, Даниел Аврамовски и Давид Бабунски.

РОДЕНИОТ ШТИПЈАНЕЦ ДРАГОСЛАВ ШЕКУЛАРАЦ ЕДНО ОД НАЈСЛАВНИТЕ ИМИЊА НА КЛУБОТ

Уште едно познато фудбалско име чие потекло е од Македонија е неизбришлив дел од историјата на Црвена Звезда –  Драгослав Шекуларац, еден од најдобрите фудбалери во историјата на поранешна Југославија, легендата на  Црвена звезда кој е роден во Штип, од каде е и мајка му. А, Драгослав Шекуларац својот проштален меч од активното играње го организираше токму во својот роден град Штип.

Многумина читатели на ЕКИПА, сигурно ќе се запрашаат дали некој фудбалер од Македонија бил тренер на Црвена звезда. Тоа беше Бошко Ѓуровски, кој остави голем белег и како нејзин играч но и Чеде Јаневски, кој пред десетина години од АЕК Атина, каде беше помошен тренер, дојде на кормилото  на белградскиот клуб . За жал, немаше многу успеси и не остана долго нејзин тренер. И тука кај тренерите од Македонија кои ја воделе Црвена звезда, се повторува истото прашање како кај Шекуларац, Миљан  Миљаниќ, сигурно едно од најпознатите тренерски имиња не само во поранешна Југославија. Роден во  Битола и секогаш знаеше некако со почит да каже, јас сум по потекло од Македонија, јас сум  битолчанец.

М.Мицковиќ

Се вчитува...