Србија одигра топ-полувреме, па застана – Порторико совладан за пласман во втората фаза

Србија се пласираше во втората рунда од Мундобаскет 2023 откако нашиот северен сосед попладнево ја забележа и втората победа во групната фаза, овојпат над селекцијата на Порторико со убедливи 94-77. Дваесет фуриозни минути беа доволни за избраниците на селекторот Пешиќ да го решат прашањето на победникот, но кормиларот на српскиот национален тим сигурно нема да биде задоволен од сериозниот пад во играта во второто полувреме од денешниот натпревар.

Имено, првите две четвртини минаа во апсолутна српска доминација на теренот, водството од минута во минута се зголемуваше, па на одмор се замина со неверојатни „плус 30“ за српскиот национален тим (57-27). Ваквиот резултат очигледно донесе опуштање во играта на нашиот северен сосед, а Порториканците успеаја да влезат во ритам и само во третата четвртина постигнаа повеќе поени отколку во целото прво полувреме (18-31). Кон средината на четвртиот период Порторико дојде на само десет поени разлика, имаше и напад што не го искористи, по што Србите конечно се разбудија, влегоа во серија поени и убедливо го добија натпреварот со конечни 94-77.

Младиот Никола Јовиќ одигра одличен натпревар со 17 поени, исто толку имаше и Богдановиќ, додека Милутинов доминираше во рекетот со дабл-дабл од 12 поени и 15 скокови.

Се вчитува...