Првиот човек на Судиската организација на УЕФА, Роберто Росети, имаше само пофални зборови за арбитражата за време на ЕВРО 2020. Ова беше прво големо натпреварување под капата на УЕФА на кое се користеше ВАР-технологија, при што според Росети сите перфектно го минале тестот.
„Многу сум задоволен од она што судиите го направија за време на Европското првенство. Нивните изданија беа одлични, а ме импресионираше што на теренот функционираа како тим, заеднички носеа одлуки кои беа точни. Карлос Веласко Карбалјо беше задолжен за ВАР и она што го видовме беше за пример, апсолутно перфектно. Се прегледуваа мал број на инциденти, немаше премногу застои на натпреварите, се беше перфектно“, изјави Росети.
Тој се осврна и на најспорниот судиски момент на ЕВРО 2020, контроверзниот пенал досуден за Англија во полуфиналето против Данска. Како што можеше и да се очекува, Росети застана во заштите на главниот судија Дани Макели, кој покажа на белата точка откако Рахим Стерлинг падна како покосен во данскиот шеснаесетник.
„Сакаат да го прикажат како скандал, но пеналот за Англија воопшто не беше скандалозен. Можеме да зборуваме отворено, Макиеле виде како данскиот играч со број 5 не ја удира топката, притоа забележа контакт на нозете на двајцата фудбалери. Можеме да дебатираме околу интензитетот на контактот, но тој постоеше. Наша цел е судиите да бидат во центарот на вниманието, а ВАР да поправа само очигледни грешки“, објасни Росети.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА