ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (3): Вардар е второлигаш и бездомник… Шилегов да не ја повтори грешката на Коце Трајановски!

Вардар првпат во својата историја од следната сезона ќе игра во Втората македонска фудбалска лига. Првпат, само поради онаа фамозна фузија со ФК Миравци која и денеска го прати. А, како дојде ФК Вардар денес, точно на денот кога се случуваа чудни работи пред 10 години, да стравува и за својот опстанок како клуб, низ три изданија преку сведоштвото на доајенот на македонското новинарство и претседател на клубот во моментите кога испадна од Првата лига во сезоната 2010/2011 – Атанас Костовски.

ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (1): На денешен ден пред 10 години… Три судски рочишта во ист ден кои ја решија судбината на Вардар!?

ВИСТИНАТА ЗА ФК ВАРДАР (2): Кој не сакаше Вардар да игра во Втора лига? Ѓоко Хаџиевски беше договорен, но…

Пишува: Атанас Костовски

Прелистувајки ги овие хартии што останале за „спомен и долго сеќавање“ доаѓам и до едно писмо  што сум сакал а не сум го испратил до Претседателот на Врховниот суд на Македонија. Потсетувајќи за незаконското преземање на ФК Вардар сакав да прашам:

„Дали во нашето правосудство се применува законот за сите подеднакво, а доколку се применува, дали може  судија во Основен суд сам да си поништи и преиначи решение (одлука) на која има право на жалба до повисок суд? Респектирајки ја Вашата стручност и професионалност се  надевам дека ќе ми дадете одговор на ова мое прашање, со што би ја остранил во себе дилемата за функционирање на законите во судските постапки. Ова пред се затоа што поранешниот финансиер на ФК Вардар, странски државјанин, го нема стекнато своето право на заштита на својот вложен капитал и неговиот акционерски влог и права во новиот ФК Вардар.“

Тоа меѓу другото сум го запишал на 10. јуни 2012, година по молкот на неколкуте тужби што ги поднесе адвокатот Емил Османов.

Ќе останат како сведоштва и извинувањата од Орце Камчев и Ванчо Шехтанси по бројните извречени лаги, навреди и клевети, кои беа изнудине по судските постапки против нив. Ми се лутеа пријатели што ја прифатив најблагата варијанта да минат само со извинувања, но подобро тоа отколку предметите да застареат. Колку јавноста да знае за лагите и клеветите кои беа изнесувани во минатото против Слободан Брацо Вујчиќ и мене како претседател во тој период.

Како и да е, минаа годините, па на 20. јануари 2014 година Град Скопје го „продава“ ФК Вардар на рускиот  стопанственик, Сергеј Самсоненко.  Потоа, се е познато…, а епилогот е познат деновиве.

13 јуни 2021 – десет години  по трите  судски одлуки, ФК Вардар повторно е второлигаш! На грешките се учиме. Да, ФК Вардар сите го сакаат, но малкумина сакаат вистински да му помогнат!

Потсетувајќи на најинересните  моменти од игрите околу ФК Вардар во изминатите две децении, само едно би препорачал – што помалку политика, толку подобро за некогаш најквалитетниот и најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Деновиве ме запраша еден афирмиран скопски бизнисмен, зарем нема во градот барем десеттина што можат да бидат акционери на ФК Вардар?

Веројатно има. Верувам дека градоначалникот на Град Скопје, Петар Шилегов нема да постапи како неговиот претходник Коце Трајановски.

Денеска ФК Вардар е второлигаш и бездомник! Имаше дури и помошно игралиште со рефлектори за ноќни тренинзи, денеска освен името, нема ништо, освен, се разбира, милионски долгови.

Но, за нашиот некогашниот фудбалски миленик, надежта последна умира!

Се вчитува...