Започнува неизвесната битка за место во „елитата“ на македонската кошарка

Битката за место во „елитата“ на македонската кошарка започнува денеска со четири натпревари кои ќе бидат одиграни во Скопје, Струга и Охрид. Патот во финалето во Втората лига останува непроменет, но се очекува една од најнеизвесните сезони во која нема фаворити.

Битката за место во Првата лига ќе ја водат: Баскет Кам, Ангели, Борец Баскет, Црн Дрим, Охрид, Куманово, МЗТ Скопје 2, Водно Санс, Работнички 2018, Шкупи, Соколи 1933 и Вардар.

Првиот натпревар ќе биде одигран денеска со почеток од 14 часот во СРЦ „Кале“ каде ќе се сретнат МЗТ Скопје 2 и Соколи 1933. Возбудувањата продолжуваат во Струга од 15 часот и 30 минути кога Црн Дрим го пречекува Шкупи. Од 16 часот во салата „КК Вардар“ ќе се одигра средбата помеѓу Вардар и Ангели, а второлигашкиот ден ќе биде комплетиран со мечот помеѓу Охрид и Водно Санс во „Билјанини извори“.

Преостанатите средби од воведното коло ќе бидат одиграни утре, а во нив Работнички 2018 го пречекува Куманово, додека Борец Баскет – Баскет КАМ.


Покрај Втората лига овој викенд започнува и Првата женска кошаркарска лига каде се натпреваруваат: Гризли Баскет, ЖКК Вардар, Про Баскет, Бадел 1862, ЖКК МЗТ Скопје, Крива Паланка, Баскет КАМ и Црн Дрим, како и Третата машка кошаркарска лига која оваа сезона ќе биде поделна во две групи.

Се вчитува...