Борко Ристовски: Сите што го потценија Вардар имаа проблем - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Ракомет
24/07/2017 22:22
Ракомет
24/07/2017 21:25
Ракомет
24/07/2017 20:37
Фудбал
24/07/2017 20:08

Борко Ристовски: Сите што го потценија Вардар имаа проблем

Борко Ристовски: Сите што го потценија Вардар имаа проблем

Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн за противник ќе ја има Барселона со Борко Ристовски и Кире Лазаров. Македонско-шпанската пресметка во завршницата на ЛШ, ќе биде повеќе тактичко надмудрување на две екипи и двајца тренери што добро се познаваат меѓусебе, смета македонскиот голман на голот на Барселона.

Искуството е на страната на Барселона која има рекордни осум титули во Лигата на шампионите и шест настапи на досегашните осум изданија на Ф4 турнирот во Келн. За разлика од трофејниот шпански тим, Вардар годинава ќе го одбележи своето деби на Ф4 во Келн. Но, тоа воопшто не ги  става „црвено-црните“ во подредена улога во завршницата на ЛШ.

„На Ф4 нема слаба екипа. Ние немавме некоја посебна желба, подготвени сме без разлика кој и да ни се падне во полуфиналето. Вардар има многу квалитетен тим. Играат добро, имаат сериозна екипа и сите што ги потценија, имаа проблем во дуелите со нив. Ние нема да направиме таква грешка. Секако, е голем успех што на Ф4 во Лигата на шампионите има и македонска екипа и што ние со Барселона ќе играме со екипа од нашата земја. На Вардар му посакувам успешен настап во Келн, но, нормално посакувам наша победа“ – вели Борко Ристовски по одредувањето на полуфиналните двојки за Ф4 турнирот во Келн.

Според Ристовски кој своевремено го носеше и дресот на Вардар, овој дуел ќе биде повеќе тактичко надмудрување на двајцата шпански тренери, Раул Гонзалес и Чави Пасквал кои добро се познаваат меѓу себе.

„Вардар и Барселона и двајцата шпански тренери се познаваат доволно добро. Вардар не игра груб ракомет што нам повеќе ни одговара, туку играта повеќе се базира на тактиката. Така што ова полуфинале во Келн ќе биде повеќе тактичко надмудрување. Нормално, се надевам дека ние ќе бидеме побединици во тоа и дека ќе играме во финалето на Ф4“ – истакнува македонскиот репрезентативец на голот на Барселона.

Во второто полуфинале на Ф4 турнирот во Келн ќе играат ПСЖ и Веспрем. Ристовски во овој дуел му дава минимална предност на францускиот тим, но, и предупредува дека Веспрем секогаш може да изненади.

 „Можеби ПСЖ е со некоја минимална предност, но Веспрем не треба да се потцени иако годинава играат малку топло-ладно. Мислам дека победникот во овој полуфинален дуел ќе го решаваат нијанси“.

Полуфиналните дуели на Ф4 во Келн се играат на 3 јуни, а финалето и мечот за 3.место се на 4 јуни.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.