Работнички ќе игра на комплексот на ФФМ во Европа, Пелистер и Шкендија во Струмица

Работнички своите натпревари во квалификациите за Лигата на Европа ова лето ќе ги игра на стадионот во комплексот на Фудбалската федерација во Скопје.

„Романтичарите“, по денешното дознавање на противникот за стартот на квалификациите, одлучија првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа против Тре Пене, да го играат на гостински терен на 29. јуни во Сан Марино.

По консултациите со УЕФА, и меѓусебен договор со раководството на Тре Пене, одлучено е Работнички најпрво да гостува а реваншот да се игра на 6. јули во Скопје, на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија.

„По комуникацијата со нашиот противник на стартот од квалификациите за Лигата на Европа, а во согласност и со УЕФА, одлучивме Работнички да биде гостин на првиот натпревар во Сан Марино. Една од причините е и фактот дека клубовите од таа земја играат на ист стадион во европските натпреварувања, а ја знаеме и моментната ситуација со стадионите и во Македонија. Токму затоа на 29. јуни ќе гостуваме, а потоа на 6. јули домаќини ќе бидеме на комплексот на ФФМ во Скопје, со оглед дека во ист ден и Пелистер ќе биде домаќин на стадионот ‘Младост’ во Струмица“ – вели генералниот секретар на Работнички, Ненад Монев.

Пелистер, пак, првиот натпревар го гостува на Лех Познањ во Полска, а реваншот на 6. јули ќе го игра на стадионот „Младост“ во Струмица. И екипата на Шкендија своите натпревари во квалификациите за Лигата на Европа, како што објави претходно, ќе ги игра во Струмица.

Во Струмица треба да игра и шампионот Вардар кој се уште се надева дека можеби УЕФА ќе попушти на притисокот, па ќе дозволи против шведски Малме да игра на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

Се вчитува...