Кошаркарот на Кливленд кавалирс, Кевин Лав, на почетокот на натпреварот со Детроит пистонс, во еден дуел под противничкиот кош, заработе скршеница на раката. Лав (29), поради повредата ќе има принудна пауза од околу два месеци, а за ѕвездата на Кливленд тоа ќе значи дека ќе остане без петтиот ол-стар настап.
Според најавите тој треба да се врати на терен пред разигрувањето за титулата во НБА што почнува во средината на април. Тоа е исклучително важно за тимот на Кливленд бидејќи на ланскиот плеј-оф, Лав имаше просек од 16,8 поени и 10,6 скока по натпревар.
Кевин Лав во добра форма игра и оваа сезона во која има просек од 18,2 поени и 9,6 скока по натпревар, а со 40 проценти на реализација на шутот од далечина, постави рекорд на кариерата.
„По толку многу повреди, последно што ни требаше беше да останеме и без Кев. Ќе го нема долго време на терен, околу два месеци и тоа за нас е навистина голем удар“ – изјави неговиот соиграч Леброн Џејмс.
Во тимот на Кливленд сезонава повредени беа и Дерик Роуз, Ајзеа Томас, Тристан Томсон и Имам Шумшперт. Новата повреда и тоа на клучниот играч, ќе биде нов сериозен удар за тимот кој има 11 порази во последните 16 натпревари, поради што моментно третопласираниот тим на Истокот е се подалеку од четвртиот последователен настап во големото НБА финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА