Ибрахимовиќ: Можат да ми ја урнат статуата, но не и да ми ја избришат историјата

Златан Ибрахимовиќ со години наназад беше миленик во Малме, родниот град каде многумина очекуваа дека легендарниот Швеѓанец и ќе ја заврши кареирата. Тој дури доби и статуа во Малме на церемонија со градоначалникот, но расположението кон Ибракадабра целосно се промени откако тој реши да инвестираа пари во тимот на Хамарби. Следеа немили сцени, па хулиганите од Малме најпрвин ја демолираа, а потоа и ја урнаа, но Ибрахимовиќ гласно им порачува дека тоа не значи дека можат да го избришат сето она што тој го направи.

„Тоа е тажно. Оние кои ги знаат сите детали, никогаш не би направиле нешто слично. Ние сме поголеми од сето тоа, можеби ја урнаа статуата, но не можат да ја избришат мојата историја, сето она што го имам направено како фудбалер“, вели Ибрахимовиќ.

Швеѓанецот за време на паузата поради коронавирусот тренираше со фудбалерите на Хамарби, чекајќи повик за враќање назад во Милано и довршување на сезоната во Серија А. Воедно, тој откри дека и покрај инвестицијата во Хамарби, во меѓувреме испратил финансиска помош и до Малме.

„Ми се појави бизнис-можност и ја искористив, инвестицијата во Хамарби се уште ми се чини како добра идеја. Што се однесува до бесот на навивачите на Малме, само би навел дека на овој клуб му имам дадено над 100 милиони круни помош во овој период, така што не можат да се пожалат дека не сум направил ништо за нив“, порачува Златан Ибрахимовиќ.

Се вчитува...