Куп на солидарност: Баерн, Реал и Интер ќе играат за помош на медицинските лица

Три европски гиганти, Баерн Минхен, Реал Мадрид и Интер, постигнаа договор во 2021 година да одиграат три пријателски натпревари како дел од „Купот на солидарност“, од кои сите приходи ќе бидат насочени за помош на медицинските лица и подобрување на медицинската инфраструктура.

Предвидено е секој тим да биде домаќин на по една средба, а точните датуми ќе бидат договорени откако ќе се утврдат календарите за натпреварување за сезоната 2020/21. Во секој случај, за да има поголеми приходи овие средби ќе се одиграат откако ќе биде дозволено навивачите да се вратат на трибините.

„Пандемијата од коронавирусот удри по Европа. Ние изградивме добри односи со многу клубови, со дел од нив важиме за големи пријатели. Без оглед на сите проблеми во Германија, среќни сме што нашиот здравствен систем ја издржа оваа криза. За жал, видовме ужасни слики од Италија и од Шпанија, земји кои го претрпеа најтешкиот удар во Европа. Ние како Германци сме посебно поврзани со овие две земји, па заедно со пријателите од Интер и од Реал Мадрид се договоривме да бидеме дел од „Европски Куп на Солидарност – фудбал за херои“. Тој ќе се одржи кога повторно ќе може да има публика на трибините, а ние на нашиот домашен меч планираме да поканиме 5.000 доктори и медицински сестри да го следат настанот. Вкупните приходи од трите натпревари ќе бидат донирани на медицинските установи во Италија и во Шпанија. Ние како Баерн Минхен гледаме на ова како на симболична поддршка за обединета Европа, во која секој има одговорност да помогне“, истакна првиот човек на Баерн, Карлхајнц Румениге.

Се вчитува...