Лука и Словенија мораат да ја сопрат „полската бајка“ за пласман во полуфиналето

Последниот патник во полуфиналето од Евробаскетот 2022 ќе биде познат по натпреварот помеѓу Словенија и Полска од 20 часот и 30 минути. Актуелниот европски шампион е апсолутен фаворит за пласман меѓу најдобрите четири, но за истото Словенците ќе мораат да ја запрат „бајката“ на Полјаците.

Повредата на Зоран Драгиќ создава проблеми во словенската репрезентација па селекторот Секулиќ ќе мора да најде алтернатива, но со Лука Дончиќ на паркетот се е полесно.

„Нема слаби тимови на шампионатот. Полјаците имаат три индивидуи кои се одразуваат. Слотер и Понитка надвор и Барчеровски во рекетот. Ќе ни недостасува Зоран кој е многу важен дел од тимот па ќе имаме проблем во ротацијата. Мораме да мислиме за други решенија за да поминеме во следната фаза“, вели Александар Секулиќ.

„Знаеме дека ќе биде тежок натпревар. Лука игра на врвно ниво, тој е еден од најдобрите играчи на светот, а имаат и други играчи кои играат многу добро. Но, ние не се предаваме, ќе играме цврсто и ќе одиме на победа. Играме за чест. На крајот на денот ова е кошарка и најдобриот тим не секогаш победува“, вели Еј-Џеј Слотер.

Со просек од 92 постигнати поени по натпревар Словенија е изедначена на првото место како најдобрата напаѓачка селекција на Евробаскетот, додека Полска постигнува просек од 80.2 поени по меч. За „црвено-белите“ да се надеваат на пласман во следната фаза ќе мораат да го успорат темпото, но и да го лимитираат Лука Дончиќ.

Се вчитува...