Милевски: Три наши лоши реакции го одлучија победникот, немам што да им замерам на момците

Македонскиот селектор Благоја Милевски по натпреварот со Грузија и поразот од 0-3, ја коментираше играта на репрезентацијата и поразот од гостите.

Милевски истакна дека нема што да им замери на момците и дека Македонија доминирала до тој прв гол, а после вториот гол се случил и пад физички. Селекторот на Македонија призна дека Грузија на физички план е ниво погоре.

„Прво честитки за победата на Грузија, одиграа добар натпревар, но кога ќе загубиш на ваков начин на ваков меч сега во моментов што би посочил како причина освен три лоши наши реакции. Да бидеш на подобро ниво со еден ваков противник да контролираш игра до првиот гол, и после вториот гол паднавме и физички, и мислам дека на тој физички план Грузија е ниво над нас. Мислам дека немам ништо да замерам на момците освен за она што во моментот го дадоа, а тоа е што го видовме на терен и тоа е нашиот максимум. Жал ми е кога доминиравме во тие 50 минути не постигнавме гол, два или повеќе. Одиме понатаму, следниот натпревар кој ни следува, во недела ќе пробаме да се консолидираме“, рече Милевски.

Милевски кажа дека ќе има промени на следниот меч поради тоа што одредени играчи се пожалиле на повреда, и поради згуснатиот распоред.

„За секој натпревар се подготвуваме различно. Што се однесува до играчите кои ќе настапат во недела, ќе мораме да ротираме. Ростерот е тој што е, и затоа кажувам секоја чест на момците. Ни недостасуваше тој завршен пас. Но сето тоа беше на високо ниво до 50. минута. Жал ми е што одредени играчи морав да ги заменам поради повреда. Се надевам дека не е ништо сериозно, и од утре ќе видиме кој е подготвен за во недела“, изјави македонскиот селектор кој се заблагодари на публиката и поддршката која ја дадоа.

„Благодарност до публиката. Жалам што денеска и покрај тоа што играчите го дадоа максимумот, не успеавме да дојдеме до добар резултат“, вели Милевски.

Благоја Милевски уште еднаш повтори дека целта се квалификациите за ЕП 2024 година, и дека нема откажување од првото место во групата и покрај тоа што Грузија има добра предност.

„Од почетокот кажувам дека нашата главна цел се квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. Сето ова е во функција на тоа. И овие одиграни три натпревари, како што видовте мораме да имаме увид на потенцијалот со кој располагаме за да видиме со кој можеме да располагаме за квалификациите. Овие четири меча па и тие два во септември се слика за тоа. До крај има уште три натпревари, видовте и резултатот на Гибралтар, немате лесен и тежок противник. Ако не пристапите максимално сериозно на секој натпревар, не може да очекувате успех“, изјави селекторот на македонскиот национален тим.

Се вчитува...