СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (9): Освоен „кајзеровиот пехар“, полни актовки во Скопје, но и вредности кои не умираат!

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

ПРЕТХОДНО: Моќниот Баерн Минхен, предводен од Франц Бекенбауер…, на колена пред Вардар!

=========================================================

Младите „вардарци“ го ставија на колена моќниот Баерн Минхен, освојувајќи го трофејот на еден од најсилните младински турнири во Европа во тоа време, кое на некој начин беше и младински клупски шампионат, ако се знае дека немаше официјални натпреварувања под капата на УЕФА во таа категорија во тоа време. А, легендарните имиња на Баерн Минхен, предводени од Франц Бекенбауер…, кои веќе следната 1966 година со Германија ќе играат во финалето на Светското првенство 1966 во Англија, тој јуни 1965 година се покорија пред нашиот Вардар и младите момчиња од скопските маала!

Вардар ја победи со 2-0 неверојатната генерација на Баерн Минхен составена од Франц Бекенбауер, Берти Фогст, Герд Милер, Сеп Маер, Георг Шварценбек…, и во Баден Баден, засекогаш заокружи еден детски сон…

„Веднаш по нашата победа го изгравираа името на ФК Вардар – Скопје на големиот сребрен кајзеров пехар. Добивме силни овации од гледачите, и искрени честитки од играчите на Баерн Минхен. Мора да издвојам еден момент кој ние не го забележавме во моментите на радост, пренесен од кочанчанецот Драган Ангеловски. Веднаш по голот, оној вториот на Кире Николовски, творецот на таа генерација, убедливо најдобрата во историјата на Баерн но и на Германија па и Европа и светот за што потврда беа следните репрезентативни успеси токму на тие фудбалери, славниот Златко Чајковски, скокна од клупата на Баварци го тресна на земја пред себе шеширот кој постојано го носеше и со неколку скока врз него, пред илијадниците гледачи, го срамни со тревата, онаа зелена и густа, на каква никогаш не сум играл во кариерата. Поголемо признание има ли? До каков момент го донесовме легендарниот југословенски стручњак Чајковски кој не можеше да верува дека неговиот тим, селектиран и создаван неколку години, е понижен на таков начин. Драган не можел во тие моменти да запре од смеење“ – се потсетува Диме Георгиев.

Капитенот Диме Георгиев по добиениот пехар во Баден Баден

А, на доделувањето на кралскиот пехар, градоначалникот на Раинфелден, кој беше покровител на турнирот, не штедеше зборови пофалби за вардаровите фудбалери.

„Ете гледате, ви се исплатеше долгото патување, игравте храбро и убаво, заслужено ги освоивте нашите симпатии, почитта на граѓаните на нашиот град и почитта на вашите противници. Ви се восхитуваме, ви честитаме и со нетрпение ве очекуваме и следната година“ – ќе рече градоначалникот при доделувањето на пехарот на капитенот на Вардар на финалниот натпревар, Диме Георгиев.

Во Скопје, можеби и оправдано поради, во тоа време, се уште анонимноста на имињата на Сеп Маер, Берти Фогст, Франц Бекенбауер, Георги Шварценбек и Герд Милер (во таа 1965 година се уште не познати, па и самите вардарци несвесни против кого играле), не добиваат некое посебно внимание. И од домашните медиуми сето тоа е пропратено со некои кратки информации за освјување на пехарот на Вардар, за разлика од германските медуми кои издвојуваа посебни страници текстови за неверојатните момчиња од Скопје.

„Сепак, ни останаа како сеќавање, но и гордост, актовките полни со пофалници, честитки, исечоци од германските весници, но и признанието за Урош Петровски како најдобар тренер, и по некоја марка“ – вели Георгиев.

А, ситуацијата, за свесноста против кого играле вардарци, не се промени ниту следната 1966 година кога Бекенбауер веќе беше во составот на германската репрезентација на Светското првенство во Англија. Се до пред десеттина години кога Бекенбауаер и Брајтнер ќе се појават со изјави во јавноста, едниот дека ‘без Герд Милер доминацијата на германската репрезентација во европскиот и светскиот фудбал не би била можна, особено за епските дуели против Холандија на Кројф’, а вториот дека ‘разликата во Баерн ја направи Герд Милер’. Бекенбауер ќе поентира и со: „Ако не беше Герд Милер можеби и денес Баерн Минхен ќе беше во ‘шупата’ од која почнавме, затоа што дотогаш и не бевме така доминантни“. И, по завршувањето на нивните кариери и се до денес, цели шеесет години, токму тие имиња го водеа и го водат славниот тим како претседатели, директори, тренери, членови на управни одбори. Цела среќа, ми се чини, што Германците не слушнале за долгогодишната притаена пропаганда на нашите фудбалски „експерти“ дека фудбалерите кои се ‘необразовани, глупави и неспособни’ и не можат и не треба да работат во својата професија, како би имало, секако, простор токму за нив кои немаат ‘клоцната топка со нога’… Среќа за Германците, тешко за нас. Фактите јасно зборуваат. Неумоливи се.

„Не добивме внимание во Скопје. Се сеќавам единствено Урош, нашиот тренер, направи една незаборавна теревенка со своите пријатели вардарци, Шкоре Антиќ, Бранко Мајка, Димче Југотон, Ѓоко од Рубин Кармин, чија продавница тогаш беше и експозитура на клубот во срцето на тогашната улица ‘Маршал Тито’, како и неговиот внук Гоце, центарфор на еден од подмладоците на Вардар. Со гитара и свежа риба фатена пред неговата куќа на ‘Кеј 13 Ноември’ во Маџир Маало, прекрасна вечер во која се собра цело маало да го одбележи трофејот од Баден Баден“ – раскажува Диме Георгиев, и дополнува:

„А, следната 1966 година, повеќемина од тој тим на Вардар од Баден Баден ќе бидат префрлени во првиот тим, но ретко кој ќе добие вистинска шанса. Заминувањето на Хуго Рушевљанин и Урош Петровски од клубот, сигурно ќе има одредено влијание, но тоа е посебна тема затоа што и многу други следни успешни генерации на Вардар ќе ја доживуваат таа судбина“.

Екипите на Вардар и Баерн Минхен пред финалето во Баден Баден во 1965 година – „вардарци“ во горниот ред, ѕвездите на Баерн Минхен – Франц Бекенбауер, Сеп Маер, Герд Милер, Георг Шварценбек… во долниот ред

Од таа млада генерација на Вардар од 1964-1965 година, без сомнение, засекогаш ќе остане запаметено и името на Јуда Рамаданов. Ако и денес одите во Чаир доволно е да прашате било кој минувач каде да го најдете Јуда, веднаш ќе добиете одговор: „Ајде по мене“, и без никакво размислување ќе ве одведе до Автосервисот кој го водат неговите двајца синови – арслани. Од канцеларијата ќе ви се појави еден господин во одело и машна, мустаќи на лицето, и иако веќе во години со одлична линија која онака низ пријатна насмевка ја оправдува со зборовите: „Секојдневно тренирам со носење и враќање на внуците во школа, тренирам и со секојдневна игра со нив, тоа е рецептот“. И, веднаш се потсетува на тие славни моменти од Баден Баден…

„Се согласувам целосно со мислењето на Диме. Мене и Идриз Сулејманов, по разговор со нашите родители, после една година Рушевљанин не однесе во Победа Прилеп. Малку ми е жал за Вардар, но и во Победа и во Беласица играв во добри тимови. Не се жалам, добро поминав како играч, зошто за мене љубовта беше само фудбалот – ништо друго. Заработив и нешто, иако тоа ни најмалку не ми беше пресудно, ние тогаш бевме воспитувани на други вредности. Фала му на Бога, направив две куќи за двајцата синови, имам Автосервис, можев да бидам дел и од градежниот бизнис, но подобро вака… Други времиња“ – вели Рамаданов.

И, на крај, повторно разговорот води кон легендарниот Зекирија од Тенеќе маало, далеку попознат како Зекуле, човекот со безрезервна љубов кон Слога Југомагнат. Во своите постојани расправии со стариот скопјанец Љубиша, Зекуле секогаш повторуваше: „Слога го победи Вардар, а Вардар ја победи Црвена Звезда, значи Слога е шампион на Југославија“. Во тие седумдесетти години никој не може да поверува дека еден ден ќе дојде и Слога да го победува Вардар и да биде шампион на државата. Но, секако дојдоа и тие времиња како доказ дека силата е исклучиво во вербата и упорноста, за да се реализира и она што некогаш ви изгледа невозможно.

Вардар, имал и ќе има незаборавни таленти како сите оние од генерацијата од Баден Баден. Има на оваа почва и денес, крај нас, но дефинитивно треба многу повеќе да веруваат во себе, како и тренерите кои работат со нив. Треба да знаат дека само силниот ентузијазам, желба за фудбалот и искрената љубов кон играта може да ги доведат до соништата. Не постои друг пат!

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (7): „Вардарци“ со огромен респект дочекани во Баден Баден, посебно внимание за репрезентативците Балевски и Рамаданов!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (6): Како се создаваa генерациите – Маалските деца на Скопје кои стигнаа до финалето во Купот 1965!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (5): 18-те вардарови младинци кои го нападнаа Баден-Баден!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (4): Златко Илиевски – првиот во редот на моите „создавачи“!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (3): Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (2): Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (1): Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=============================================================

Се вчитува...