Силни екипи од регионот, дел од Меморијалниот турнир „Драган Василов – Цевка“

Второто издание на Меморијалниот турнир „Драган Василов – Цевка“ што ќе се одржи од 16 до 18 септември ќе биде со одличен квалитет, откако неколку врвни тимови од регионот прифатија да бидат дел од ова натпреварување.

Дел од турнирот ќе бидат осум тима, и тоа Вардар и МЗТ Скопје од Македонија,Цедевита од Хрватска, Црвена Звезда и Триумф од Србија, потоа Будуќност од Црна Гора, Игокеа од БиХ и Балкан од Бугарија.

На прес-конференцијата беа присутни и Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, потоа првиот човек на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димевски, но и покрај поканата и најавата за присутно не дојде ниту еден член од Кошаркарската Федерација.

„Сакам да изразам огромна благодарност до Општина Аеродром на чело со Тимчо Муцунски и сите оние кои се несебично вклучени во оваа организација. Благодарност и до МОК на чело со Даниел Димевски за подршката. После една година еве сме тука повторно заедно за нашиот Цевка, да му оддадеме почит и да ги негуваме вредности што тој ги ценеше. Можеби на овој турнир ќе биде откриен некој голем кошаркарски талент, а нашите тимови и деца ќе видат до каде се со квалитетот во однос на тимовите од регионот“, изјави Горан Василов, синот на Драган Василов – Цевка.

„Огромна чест и задоволство како Општина Аеродром е да дадеме придонес за овој турнир за човек што е легенда во македонската кошарка. Очекуваме овој турнир да продолжи да се одржува и во иднина, нешто за што дефинитивно ќе ја има нашата поддршка како општина“, истакна Тимчо Муцунски.

Даниел Димевски се потсети на периодот на меѓусебна соработка со Цевка, изразувајќи задоволство што сега може да помогне во организацијата на турнирот.

„Мене навистина ми е големо задоволство да поддржам еден ваков проект, кој го носи името на нашиот драг Цевка. Целиот негов живот бевме другари, сега продолжуваме да соработуваме со неговиот син Горан“, вели Димевски.

Се вчитува...