Србија и Шпанија ќе се борат за злато на јуниорското ЕП

Селекциите на Србија и на Шпанија ќе се борат за злато на јуниорското Европско Првенство за кошаркари до 18 години што се одржува во Ниш.

Домаќинот Србија вечерва славеше во полуфиналната пресметка со Германија со убедливи 65-54, уште еден меч во нокаут фазата што српските кошаркари го добија со двоцифрена разлика. Германците беа подобри само во почетните минути, но како што одминуваше времето, така одбраната на Србија делуваше поцврсто и помоќно, а противниците се мачеа да го најдат патот до кошот. На полувреме се замина со српска предност од 38-33, домашната селекција потоа во третиот период стигна до двоцифрена предност што умешно ја задржа до самиот крај.

Топиќ ги предводеше стрелците во српскиот состав со 16 постигнати поени, а двоцифрен ефект кај победничката селекција имаа и Марковиќ и Николиќ со по 11 поени.

Шпанија во првото полуфинале од денешната програма во Ниш ја совлада Франција со 70-58. Мечот беше преполн со пресврти, Французите ја добија првата четвртина со 14-5, но Шпанците затоа се разбудија во вториот дел, добивајќи го овој период од мечот со 26-10. „Триколорите“ направија нов пресврт на почетокот од второто полувреме, но „црвената фурија“ одговори со одлична игра кога беше најзначајно, стигнувајќи до заслужена победа.

Лангарита со 19 поени и Гонзалез со 13 поени беа најдобри поединци во таборот на победничката селекција, каде центарот Мара постигна девет поени надополнети со 13 скока и три асистенции.

Се вчитува...