Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години е укинат со промените поврзани со Законот за данок на добивка, преку кој беше регулиран истиот. Домашните компании дел од годишната добивка место на име данок во државниот буџет, ја уплаќаа на спортските субјекти како начин за нивно спонзорирање.
Но, од 1. јануари 2024 година се укинати правата и обврските на спортските субјекти за добивање и користење на ваучерите, поради што македонскиот спорт влегува во еден нов „вакуум простор“, ако се знае дека во меѓувреме нема донесено друго законско решение за извесна државна помош на македонските спортски субјекти.
Има најави за преземање на ваучер системот под капа на државата, односно место клубовите, федерациите и спортистите да бараат пари од компании, да ги добијат истите директно од буџетот, кои засега намаат конкретна реализација. Факт е дека се укинува еден закон без притоа да биде донесено ново законско решение за помош за спортот, но според аналитичарите во домашниот спорт, ваучер-системот за кој и претходно секогаш имаше поплаки од бројни клубови и федерации, не ги дал посакуваните и очекуваните резултати. Затоа е неопходно ново решение…
Еден од најеминентните македонски професори, од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Иван Анастасовски, вели дека државата мора да донесе нов Закон за спорт а финансирањето на клубовите и спортските поединци да оди преку Управата за јавни приходи. Притоа и клубовите веќе е редно да се професионализираат на вистински начин, а не единствено да чекаат само државна помош за да преживеат. Затоа што спортот, на крајот, секогаш бара само резултати!
„По анализите на Владата што таа ги презема уште од 2019 година кога беше воведен ваучер системот, и врз база на тие анализи е увидено дека тој начин на финансирање не дава сериозни резултати. Поточно се трошат пари на даночни обврзници, а резултати нема. Спортот е структура, каде мора да има резултати. Ние за овој период не видовме резултати, ниту пак дополнителна општествено спортска вредност кои би ја промовирале Македонија во глобалнииот спортки камп“ – вели Анастасовски во изјава за „24 Инфо“.
Тој нагласува дека државата треба да се седне со сите засегнати страни, за да се најде начин како ќе функционира професионалниот спорт, но и дека фокус треба да биде и унапредувањето на развојниот спорт.
„Државата треба да се посвети на равојниот спорт, да вложува во нова, модерна спортска инфраструктура, затоа што без инфраструктура, нема иднина. Професионалниот спорт е скап и освен финансирањето важно е и менаџирањето. Затоа Владата треба да преземе чекори во носење на нов Закон за спорт. Финансирањето на клубовите да оди преку Управата за јавни приходи, со силна контрола на средствата што наменски ќе се префлаат, а истовремено, критериумите за добивање пари мора да се подигнат на повиско ниво. На тој начин би се моделирало решение со кое владата ќе ги ослободи компаниите кои имаат интерес да вложат во спортот за онолку колку што ќе вложат, а од друга страна владата преку законски решенија да ги притисне клубовите, професионално да бидат организирани и да се знае како точно ќе се трошат парите. Мора да се знае дека компаниите не се откажуваат од профитот туку Владата се откажува од даноците од компаниите и ако клубот е професионално организиран, тие пари повторно ќе завршуваат во државната каса. Тоа ви го гарантирам“ – вели Анастасовски за „24 Инфо“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

Се вчитува...