МЗТ Скопје со нова победа во подготовките

МЗТ Скопје ја забележа и втората победа од стартот на подготовките за новата сезона, славејќи над српскиот тим Здравље Лесковац со резултат 81-72.

По триумфот над Арис во Солун, кошаркарите на МЗТ Скопје денеска одиграа уште еден дуел на кој тренерот Петровиќ им даде шанса на кошаркарите да влезат во посакуваниот ритам. „Металците“ повторно беа без Ајви и Мекиќ, во однос на претходниот дуел во тимот се вратија Јигитоглу и Максвел, но во главна улога беше Американецот Кафи, кој со 16 поени беше најефикасен на натпреварот.

Македонскиот првак подобро го почна дуелот и ја доби првата четвртина со 23-17, но гостите од Србија се вратија и на одмор се замина со само „плус два“ за МЗТ (40-38). Победникот беше решен во последните десет минути во кои МЗТ постигна 20, а прими само 12 поени и стигна до триумфот.

Покрај Кафи, одличен настап имаа и браќата Дамјан и Војдан Стојановски со 13, односно 12 поени, додека 13 поени реализираше и Миќовиќ.

Се вчитува...