ТАЈМАУТ: Светло на крајот на тунелот

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Шест квалификациски натпревари, исто толку порази, дури пет од нив со двоцифрена разлика. Ова е ефектот на македонската репрезентација во првата фаза од квалификациите за СП 2023, слика за квалитетот на мак-баскетот во моментов во споредба со останатите селекции на „Стариот континент“. И колку и да ни се допаѓа, ако сме искрени – ова е реалноста на македонската кошарка во моментов – и што побрзо се помириме со овој факт, толку побрзо ќе се почне со напорна работа и ќе почнеме да се приближуваме до „светлото на крајот на тунелот“, кое не делува нималку блиску во моментов.

За тоа да се случи, свој дел од вината ќе треба свесно да прифатат сите оние кои беа дел од ова квалификациско фијаско.

1. СЕЛЕКТОРОТ. Драган Бајиќ пристигна како тренер со искуство и квалитет за да го помогне што побезболно да биде надминат овој процес на подмладување, за кој знаевме дека нема да биде едноставен. Првиот чекор беше одличен, кога со крпен тим ги мина претквалификациите, но проблемите се појавија при првите средби со посериозни противници (Шпанија, Украина и Грузија), кои како што ги покажаа недостатоците на играчки, така беа очигледни “минусите“ и на тактички план.

Бајиќ можеби е врвен тренер за АБА-лигаш со скапи и квалитетни играчи, но овде фактичката состојба е многу поинаква и треба да извади „додадена вредност“, а не да го губиме и она малку што го имаме. Тајмаутите на Бајиќ и вриштењето по играчи во Игокеа можеби се интересни за гледање, но тој рецепт не носи успех во македонската репрезентација.

Затоа и смешни делуваат неговите жалби што не можел барем на еден меч да ги има на располагање сите репрезентативци, кога дел од нив свесно се откажаа од националниот тим само поради односот на Бајиќ, најавувајќи дека се подготвени да се вратат кога Србинот ќе си замине од кормилото. Конфликтот со Тео Симиќ по нецела минута игра на младиот центар со Украина е само уште еден доказ како не треба да се однесувате со млади играчи, иако и тие треба да научат како се почитува тренерски авторитет. А ако Бајиќ не го увиди и корегира тоа, проблемот ќе се продлабочува уште повеќе.

2. ИГРАЧИТЕ. Дека квалитетот ни е лимитиран како никогаш досега, тоа е повеќе од јасно. Па ние уште говориме за Андреј Маслинко како за талентиран кошаркар, а тој веќе наполни 25 години и во секоја нормална репрезентација веќе требаше да биде лидер, а не „играч за иднината“. Неслучајно веќе и интернационалците можеме да ги изброиме на една рака, а „децата“ кои рано заминуваат во Шпанија и Италија на кошаркарско школување, најчесто ни се враќаат дома по кратките европски авантури.

Андреј Јакимовски на овие два меча се покажа како вистинско освежување за националниот тим, но голем проблем е што тој наредниот месец се враќа во САД, па повторно ќе го немаме речиси цела година во репрезентацијата.

Она што загрижува уште повеќе се зачестените откажувања на националниот тим. Не дека тие ги немаше и додека актуелното раководство беше во играчките денови, но овојпат е поалармантно бидејќи бројот на квалитетни македонски играчи е лимитиран, па секое откажување значи и сериозен удар за репрезентацијата.

Нема „стар сум, дајте други деца, доста беше од мене, ме боли ногата“, не смее да има „изненаѓен и увреѓен од селекторот“ – затоа што врвен приоритет мора да биде македонската репрезентација. За Македонија мора да играат за кои селекторот смета дека можат да дадат најмногу во дадениот момент, и точка.

Меѓу другото, затоа што и македонските кошаркари се заштитени како „бели мечки“ на домашната сцена, а правилото за домашни играчи им овозможува да заработуваат илјадници евра што со квалитетот не ги заслужуваат (чест на исклучоци). Ако не, нека се укине правилото, нека се отвори целосно пазарот за играчи, па да видиме дали за парите што ги земаат Македонците може да се донесат далеку поквалитетни Срби, Хрвати, Американци… Одговорот е добро познат, нема ни потреба од дебата.

ФЕДЕРАЦИЈАТА: Јасно е дека мора што поскоро да се донесе нов натурализиран играч, а Ферел делува како одлично решение, кошаркар каков што немаме во составот и кој сигурно ќе ја крене играта на едно повисоко ниво. Целата работа мора да се заврши што поскоро, затоа што секој меч од наредните преткваликации кои почнуваат од август ќе биде од огромно значење.

Куќата на кошарката“ мора да заземе далеку поцврст и конкретен став околу „светоста на репрезентацијата“. Можеби ФИБА-правилата не дозволуваат суспензии и парични казни како пред десетина години, но во КФСМ мора да настојуваат националниот тим да биде издигнат над се останато, а сите оние кои не го почитуваат да бидат јавно објавени и етикетирани.

Ако велиш дека си повреден, ќе дојдеш на лекарски прегледи во Скопје, па лекарот да одлучи дали можеш да играш, а не вака „на жими мајка“. Ако се „глумат повреди“, јавно се става на тапет играчот кој тоа го направил, како пример за сите наредни кои размислуваат на таков чекор. Ако има проблем играч – селектор, седнување на маса со двајцата и решавање на недоразбирањата.

Нема потреба од прес-конференции за плукање по некого (без разлика дали и колку тој тоа го заслужува), па потоа телефонски повици – јас не сакав, тој ме убедуваше… ајде дојди да играш. Се што треба е поставување на „правила на игра“ што ќе важат буквално за сите, од прв до последен, без разлика дали играш во Валенсија или МЗТ, ТФТ, Гостивар…

Се додека сите актери во и околу репрезентацијата не се свестат и работат стопроцентно во ист правец, светлото на крајот на тунелот ќе ни изгледа толку многу далечно.

Се вчитува...