Англичаните рутински пред Македонија: Нов рекорд на Кејн, успешен експеримент со Трент

Англија забележа лесна и убедлива победа на гостувањето против Малта со резултат 0-4, како најава за претстојниот меч што „гордиот албион“ в понеделник ќе го игра на „Олд Трафорд“ во Манчестер против репрезентацијата на Македонија. Герет Саутгејт се реши за експеримент со десниот бек на Ливерпул, Трент Александер Арнолд, како класичен плејмејкер со „десетка“ на грбот, потег што се покажа како одличен за англискиот национален тим.

Асот на Ливерпул целосно ја оправда довербата и беше маестрален во првото полувреме, кога по неговото одлично додавање Англија поведе со автогол на еден противнички дефанзивец, а Александер Арнолд потоа самиот зголеми на 0-2 со извонредниот гол од дваесетина метри.

На 0-3 до крајот на првото полувреме зголеми Хари Кејн, со што асот на Тотенхем стигна до уште еден рекорд, станувајќи прв фудбалер со 50 погодоци за англиската репрезентација на официјалните средби на „гордиот албион“. Конечните 0-4 во второто полувреме ги постави Калум Вилсон со прецизно изведен пенал.

Англија го почна мечот во состав: Пикфорд, Трипие, Мегваер, Гуаи, Шо, Рајс, Хендерсон, Александер Арнолд, Сака, Медисон и Кејн, а во второто полувреме во игра влегоа Мингс, Фоден, Рашфорд, Вилсон и Езе.

Се вчитува...